Во текстуална и видео изјава објавена на платформата за социјални медиуми X, Зеленски вели:
„Оваа војна мора да заврши – и Русија мора да ја заврши. Русија ја започна и ја одолговлекува, игнорирајќи ги сите рокови, и тоа е проблемот, а не нешто друго“, изјави Зеленски на платформата Х.
Одлуките донесени без Украина „нема да постигнат ништо“, додава тој. „Ова се мртвородени одлуки. Тие се нефункционални одлуки.“, пренесува Би-би-си.
Обраќајќи се директно за состанокот Трамп-Путин, Зеленски вели дека самитот се одржува „многу далеку од оваа војна, која беснее на нашата земја, против нашиот народ, и која во секој случај не може да се заврши без нас, без Украина.“
Зеленски вели „ние сме подготвени да работиме со претседателот Трамп, заедно со сите наши партнери“ за „вистински“ мир, но и дека „нема да ја даде својата земја на окупатори“.
Средбата меѓу Трамп и Путин е закажана за 15 август на Алјаска.
Трамп сигнализираше дека Украина можеби ќе мора да отстапи територија во мировниот договор со Русија, велејќи им на новинарите: „Ќе има размена на територии“.
Зеленски претходно ги отфрли сите предуслови за територијални отстапки, пренесе Би-би-си.