ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владината делегација предводена од вицепремиерот за економските прашања Фатмир Битиќи, денеска и утре во Тирана ќе имаат интензивни работни средба за детална координација со цел заедничко справување со кризата со недостаток на храна и струја, како и за ризиците од пожари во текот на летото.
На средбата на работните групи ќе се дефинира и начинот на активирање на идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, како и укинување на работните дозволи со што државјаните на трите држави ќе можат непречено да работат во целиот регион.
Во состав на македонската делегација се и министрите Крешник Бектеши за економија и Адмирим Алити за информатичко општество и администрација, заменик-министрите Филип Николоски за финансии и Абдулшуќур Абедини за земјоделство, и националните координатори за Отворен Балкан Марјан Забрчанец и за регионална соработка Нола Исмајлоска, директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, како и советниците и раководители на сектори.
На крајот на работните средби, во вторник се очекува и завршна прес-конференција на која заклучоците и решенијата ќе бидат презентирани пред јавноста во трите држави.
ИЗЈАВА
Фон дер Лајен: Европските земји да покажат солидарност во гасната криза
„Европските земји кои не зависат од рускиот гас мора да покажат солидарност со оние кои се принудени да вложат напори за штедење поради претстојните намалувања на снабдувањето… ,„Дури и земјите-членки кои тешко купуваат руски гас не можат да ги избегнат ефектите од потенцијалниот прекин на снабдувањето на нашиот внатрешен пазар“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за ДПА пред специјалниот состанок на министрите за енергија на Унијата закажан за вторник.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
ури и окупаторите признаваат дека Украина ќе победи бидејќи тоа може да се слушне во нивните разговори со нивните најблиски кога ќе контактираат со нив, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање.
*
Русија не е заинтересирана за целосно прекинување на испораките на гас за европските земји, но тоа може да се промени доколку ЕУ продолжи да воведува санкции кон Москва, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
*
Пет месеци по руската инвазија на Украина, руската војска уби 37 медиумски работници, објави Националниот синдикат на новинари на Украина, пренесува Укринформ.
*
Лекарската комора денеска преку соопштение информираше дека останува остворена за соработка со надлежните институции со цел да се расветлат сите случаи кои упатуваат на пропусти во постапките за лекување на пациенти со Ковид -19.
*
Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер ги советуваше Украина и Западот во идните мировни преговори да не и отстапуваат на Русија ниту еден дел од украинска територија окупирана од почетокот на војната.
*
Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер синоќа изјави дека војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина е исто така „војна против европското единство“.
*
Хјуман рајтс воч, во новиот извештај на организацијата, ги документира руските злосторства во јужна Украина: Руските сили мачеле, незаконски приведувале и насилно исчезнувале цивили во окупираните области на регионите Керсон и Запорожје. Руските сили, исто така, мачат воени затвореници кои се заробени таму.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СОБРАНИЕ Пред пратениците денеска е Предлог-одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, во рамки на 71-вата седница.
ИЗБОРИ Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го утврди распоредот на кандидатите на гласачко ливче за изборот на градоначалници на општините Центар Жупа и Маврово-Ростуше, како и за членови на Советот на Општина Тетово.
ПРЕСТАВКА Управата за финансиска полиција информира дека до јавниот обвинител поднела претставка во врска со претресот што истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал минатата недела го извршиле во просториите на институцијата по наредба издадена од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, врз основа на претходно доставено барање.
ЕНЕРГЕТИКА Регулаторната комисија за енергетика на денешната седница донесе одлука за поевтинување на бензините. Од полноќ бензините се намалуваат за еден денар, додека дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за 1,5 денари за литар .
СОЦИЈАЛА Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска од денеска до петок ќе престојува во Полска, на студиска посета организирана од проектот финансиран од ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“
СЛОБОДНА ЗОНА
„Но, ако Македонија не влезеше во преговори, а влезеше само Албанија, тогаш ќе се оствареше некоја идеја од сите балкански војни, од Првата и Втората светска војна и од 2001 година – за поделба на земјава меѓу Бугарија и Албанија…Тоа и беше целта на ВМРО ДПМНЕ, нејзиниот трабант – Левица и многу интелектуалци кои така лесно се фатија за „патриотските идеи“. Но ништо не треба да нѐ изненади – кај интелектуалците треба да се читаат биографиите во целина, сите нивни страници“, став на новинарот Љубомир Костовски во „Крај за идејата на Велика Албанија“
Б. Јордановска