Изборниот ден во општина Центар Жупа минува тековно, со зголемен процент на излезност. До 13 часот, правото на глас го искористиле 1817 граѓани или 25 отсто од вкупно запишаните 7.154 гласачи во Единствениот избрачки список.
– Во сите 16 избирачки места, изборниот ден минува без проблеми, а поголема излезност се очекува во попладневните часови, изјави Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.
Споредено со повторените избори на 17 април, кога излезноста беше 18,17 сега таа е повисока за 6,83 отсто.
Во оваа општина, каде над 60 отсто од популацијата е во некоја од западноевропските земји, главно во Италија, се повторува гласањето за градоначалник, поради необезбеден цензус од 1/3 од вкупниот број гласачи. Нивното присуство сега се очекува да го обезбеди потребниот цензус од 2.385 гласачи.
Според податоците од веб страната на Државната изборна комисија, во Маврово Ростуше до 13 часот излегле 2408 , односно 24,21 одсто од запишаните гласали, додека излезноста во Тетово за истиот период е 13.96%одсто, односно на гласање излегле 11740 избирачи.
Во Центар Жупа се гласа за еден кандидат за градоначалник, додека во Маврово-Ростуше за двајца кандидати за градоначалник. За изборите за градоначалник да бидат успешни потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи и мнозинството да гласаат за еден од кандидатите, односно за едниот кандидат во Центар Жупа.












