Во рамки на проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” кој е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во 6 држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија), Фондација за интернет и општество Метаморфозис организира онлајн настан “Дијалози за Дигиталната агенда”.
Настанот ќе се одржи на 30.10.2020 година (петок) во 11:00 часот на ZOOM онлајн платформата.
Настанот ќе се состои од кратко претставување на проектот и мрежата ИЦЕДА, на Дигиталната агенда за Западен Балкан и од претставување на истражувањето спроведено во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда во Северна Македонија кое Фондација Метаморфозис го спроведе во рамки на проектот. Настанот ќе служи за развивање на дискусија за придобивките и предизвиците од спроведувањето на Дигиталната агенда во Северна Македонија во денешен контекст, од што ќе произлезат заклучоци кои Фондација Метаморфозис ќе ги земе предвид при спроведување на своите понатамошни активности.
Како говорници на настанот се очекува да учествуваат Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација, Бардил Јашари – извршен директор на Фондација Метаморфозис, Мила Јосифовска Даниловска – менаџер на програмата Општествена отчетност и човекови права онлајн во Фондација Метаморфозис, Проф. Владимир Петковски – Економски институт – Скопје, Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, д-р Борис Арсов, раководител на Сектор за телекомуникации при Агенција за електронски комуникации, претставник на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, и претставник на Министерство за информатичко општество и администрација.
Настанот е од отворен тип и на истиот се очекува да присуствуваат претставници на институции, граѓански организации, медиуми и сите останати засегнати страни. Настанот ќе се одвива на македонски јазик.
Сите заинтересирани страни се повикани да го пополнат формуларот за регистрација кој се наоѓа на следниот линк: https://cutt.ly/vgdoMBh.
По завршување на настанот, сите регистрирани учесници ќе добијат линкови кои ќе водат до спроведеното истражување и изготвените визуелизации (на македонски, албански и англиски јазик), преку кои понатаму можат да добијат повеќе информации за тековната состојба за спроведување на Дигиталната агенда во Северна Македонија и да ги цитираат информациите соодветно во своите истражувања или статии.