Вчера во Градскиот парк во Скопје се одржа првиот од серијата форуми со наслов „Агора“, информираа од иницијативата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД (ЗХГ), која на овие локални избори излегува со кандидатска листа за Советот на Град Скопје.
Од ЗХГ информираат дека нивните Агори се форуми за разговор со граѓаните, канали преку кои луѓето ги изразуваат своите потреби, идеи и каде што отворено се дискутира за изводливоста, неопходноста и приоритизирањето на предлозите.
На вчерашната прва Агора присутните граѓани беа најзаинтересирани за механизмите на директна демократија кои се достапни во Град Скопје и беше едногласно прифатено дека првата задача на ЗХГ во Советот е да се бори за измени на Статутот и Деловникот на Град Скопје.
„Со тие измени Градот мора целосно да се отвори за граѓаните, мора да се предвиди редовно пренесување на седниците на Советот, достапност на податоци од начинот на гласање на советниците по секоја точка, вградување граѓански буџетски форуми и платформата МојГрад како механизми за враќање на контролата во рацете на граѓаните“, соопштуваат од ЗХГ.
Според нив, граѓаните не може да бидат исклучени од процесот на носење на одлуките во локалните самоуправи. „Локалните самоуправи мора да бидат под контрола на граѓаните“, порачуваат од ЗХГ.