Жителите на наслебата Визбегово, СКопје, на 24 ноевмри, недела, со почеток во 13 часот организираат јавен собир на кој, како што известуваат, тема ќе биде дисперзираниот дом за деца со воспитни проблеми и нарушено поведение „Ранка Милановиќ“. Известувањето за одржување на собирот, на кој организаторите очекуваат околу 300 граѓани е испратено и до Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на УНИЦЕФ – Скопје.
„Пред извесно време во нашата населба на ул. 2 бр. Визбегово беше отворена дисперзирана единица на јавната установа за згрижување деца со воспитни проблеми и нарушено поведение „Ранка Милановиќ“.
За ваквата постапка на Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ, дознавме од средствата за информирање при отворањето на овој т.н. мал групен дом. Имајќи предвид дека овој т.н. дом има и образовна компонента на ниво на училиште за основно образование, несомнено станува збор за институција во нашата населба за која немавме никаква претходна информација.
Но, за отворањето на институцијата немаше никаква консултација со нас, како соседи или жители во Визбегово. Потценувачкиот однос кон жителите на населбата, покажана од страна на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а дополнително и од Виолета Масевска Палиќ, директор на институцијата „Ранка Милановиќ“ го поттикна нашиот револт кон самоволното и непринципиелно постапување во процесот на институционализирање на приватна куќа во нашата населба.
И покрај нашите напори да се реши проблемот со вметнувањето на институција од овој тип во нашата населба, нашите образложенија беа игнорирани и од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и од страна на УНИЦЕФ. Проблемот сè уште е актуелен, а слухот на надлежните е проблематичен. Поради тоа, сакаме да му дадеме гласност на нашиот проблем кој бараме да се реши со раскинување на договорот за закуп меѓу сопственикот на објектот и МТСП и УНИЦЕФ, како и дислокација на овде институционализираниот дел од „Ранка Милановиќ“.
Нашето и вашето присуство ќе бидат доволен показател дека политичките раководители на државните институции не смеат да се однесуваат со непочитување кон гласачите, кои се сопственици на државата и нивни работодавачи“, се вели во дописот од организацискиот одбор на жителите на Визбегово.