Жителите од Ново Маало, вчера и официјално поднесоа петиција до Владата и Општина Центар со која бараат итно да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот на Холидеј Ин. На петицијата, како што велат, се потпишаа повеќе од 330 жители на Ново Маало, но и соседи од Градски ѕид и граѓани кои го разбираат нашиот проблем и ни даваат поддршка, за што им упатуваме благодарност.
Денеска најавуваат мобилизација на правен тим во одбрана на нивните ставови.
„Откако вчера ја поднесовме петицијата до Владата на РСМ и Општина Центар со која бараме во ниту еден случај да не се направи суспензија на планот, акт кој би ја спречил изградбата на комплексот кај Холидеј Ин, ние жителите на Ново Маало, почнуваме со мобилизација на правен тим во одбрана на нашите ставови.
По досегашните консултации со правни експерти, децидно укажуваме дека нашите права се неопсориви, пред се правото на сопственост на имотот со кој располагаме што е уставно загарантирано право на секој човек. Правото на сопственост како уставно загарантирано право на сопственикот му дава права имотот да го држи, целосно да го користи и да располага со него по своја волја.“, велат жителите од Ново Маало.
Нагласуваат дека доколку општината одлучи да го суспендира ДУП-от, тие ќе поднесат колективна тужба пред државните институции, но и до Стразбур.
„Досега делуваме конструктивно, но сега, уште еднаш повторуваме дека сме целосно подготвени да ги искористиме сите правни механизми за што и официјално започнавме правни консултации, доколку општината одлучи да го суспендира ДУП-от со кој сме засегнати.
Уште еднаш укажуваме дека суспензијата ќе ни ги загрози правата кои ги наведуваме и заради тоа ќе поднесеме колективна тужба за претрпена штета од 1930 до 2021 година пред државните институции, но и до Стразбур. Како што наведовме и претходно, работиме и на пријава до Управна инспекција заради непостапување на општината.
Исто така, напоменуваме дека до добивање на конечен одговор на нашите тужби, до последниот ден, ние жителите на Ново Маало ќе ги блокираме сите улици кои ја оградуваат парцелата.“, истакнуваат жителите од Ново Маало.
Ј. Ѓ.