Пред неколку дена, инспектори од Oпштина Гази Баба во координација со полицијата, ги урнаа импровизираните куќички на дваесеттина бездомници (со 12 малолетни деца) кои околу пет години живеат во кругот на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, бездомниците велат дека имаат рок од една недела да се отселат оттаму и дека повторно ќе останат на улица.
„Досега постојано нè бркаа од тука, но, ние повторно се враќаме бидејќи нема каде да одиме. Никој досега не ни понуди подобри услови за живеење. Од Центарот за социјална работа дојдоа и ни понудија да одиме во ’Чичино село’, но ние одбивме бидејќи таму не е безбедно и нема добри услови. Во тој прифатен центар прифатија да се сместат само две семејства. Ние ги замоливме да не сместат во ’25 Мај’ или во ’Ранка Милановиќ’, но тие нè одбија бидејќи за тоа треба да одлучи Министерството за труд и социјална политика. Од МТСП досега не дојдоа да видат како живееме“, вели Рабије Идризова.
Таа додава дека слушнале оти во Визбегово се градат живеалишта за бегалци и мигранти.
„Како може државата повеќе да мисли за луѓето што не се државјани на Македонија, а да не мисли на своите граѓани. И ние сме дел од оваа држава! Децата фатија болести, инфекции од комарците… Не одат во училиште, бидејќи немаме услови. За да одат во училиште треба да имаат облека, обувки, да бидат чисти… Нашите деца се бањаат во фонтаните, и како да ги пуштиме да одат во училиште кога останатите деца ќе ги навредуваат, ќе речат – види ги Циганите, валкани се“, додава Идризова.
Бездомните лица велат дека едвај преживуваат преку собирање на старо железо, картони или пластични шишиња. Немаат пари да одат на лекар.
„Детето ми фати инфекција од комарците што го касаа. Иако има здравствено осигурување, не го однесов на лекар оти немам пари. Ако го однесам на лекар, потоа ќе треба сите лекови да ги купам, а од каде да најдам пари. Социјална помош примав околу 7.500 денари, но сега земам околу 3.500 денари, бидејќи законот предвидува да се намали социјалната помош, ако си корисник на социјална помош повеќе од пет години. Меѓутоа, што ќе правам со тие пари? Покрај тоа што некогаш знае и да доцни социјалната помош, тие пари не се доволни. Принудени сме да чистиме шофершајбни на семафори, да собираме по канти, да збираме шишиња… За да може барем да ги прехраниме нашите деца, кога не можеме да им овозможиме нешто повеќе и подобро“, вели Ѓулџан Идризова.
Од Министерството за труд и социјална политика не добивме одговор на прашањата што им ги испративме на е-маил, за бездомните лица кои се сместени во дворот на студентскиот дом „Стив Наумов“.
Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта ќе го застапува случајот пред Европскиот суд за човечови права во Стразбур, и повикувајќи се на Правилото број 39, ќе бараат времена ургентна мерка на домување.
Камера и текст: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети