ЦИВИЛ веќе подолго време се обидува да даде свој придонес кон јакнењето на слободата на изразувањето и медиумските слободи, преку развој на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа и преку низа други активности на теренот низа целата земја. Со таа цел, ЦИВИЛ ги покани претставниците на медиумите, граѓанското општество, граѓанките и граѓаните на дружење и разговор за слободното општество. Средбата ќе се одржи во Клубот на новинарите, денеска, 6 ноември, со почеток во 16 часот.
Поаѓајќи од начелото дека нема слобода без слободни медиуми, екипата на ЦИВИЛ сака да се сретне со најважните во оваа област – луѓето кои секојдневно ги приближуваат фактите за настаните и процесите до граѓанките и граѓаните. Придонесот на медиумите во градењето слободно општество често е занемарен или потценет, а уредништвата и новинарските екипи секојдневно се соочуваат со притисоци и проблеми од најразличен вид. Мислењето на креаторките и креаторите на медиумските содржини е од особена важност за граѓанските организации. Оваа средба ќе биде можност да се разменат мислења, искуства и контакти.
Настанот е дел од проектот Слободни медиуми за слободно општество, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.