И покрај повиците и аплите децата и малолетниците никако да не се злоупотребуваат за политички цели и да не се вклучуваат во кампањите на политичките партии, сепак и на овие локални избори има злоупотреба на деца.
На Фејсбук страната на Алијанса за Албанците пред неколку дена е објавено видео (без лого на партијата) со наслов „Со љубов за Гостивар“ во кое се прикажуваат деца кои одат во училиште.
„Со нашиот тим, во овие овој мандат сме работеле за 5 градинки и 21 училиште“, стои меѓу другото во пропагандното видео.
Директорот на ЈП Паркови и зеленило и носител на листа на Совет на ДУИ за Град Скопје, Ардијан Муча, објави пропагандно видео во кое на мало девојче ѝ го покажува зеленилото во Скопје. Видеото завршува дека е снимено од ЈП Паркови и зеленило, што може да се заклучи дека за ова видео се издвоени јавни пари за промоција на „зеленилото“ во Скопје, но и канидатурата дека е носител на листа на политичката партија ДУИ. Во овој случај има злоупотреба и на деца и на јавни ресурси за да ја промовира канидатурата.
И кандидатот за градоначалник на СДСМ, за општина Илинден, Александар Тодоровски ги злоупотреби децата за партиски цели со тоа што на првиот ден од учебната година, пред училишниот двор на дечињата им делел пакети со школски прибор, но пакетите беа со партиски обележја. Тој самиот објавил на Фејсбук страната на СДСМ Илинден.
ПРЕПОРАКИТЕ ОД ЦИВИЛ
ЦИВИЛ, како и досега, бара од партиите, но и од родителите да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата и малолетниците никако не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата и малолетниците.
Во пресрет на локалните избори, ЦИВИЛ ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат добрите изборни практики, демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и безбедни избори.
Дехран Муратов