Тимот на ЦИВИЛ Медиа денеска ги прашуваше граѓанките и граѓаните на Скопје – како преживува просечно семејство со приход под 20 илјади денари месечно. „Многу тешко!“ и „На работ на езгистенција!“, беа дел од одговорите. Дури 76% од вработените во државава добиваат плата до 20 илјади денари, огромен дел од нив и многу пониска сума, некои од посреќните вработени – месечно, а некои, и со доцнење од два и повеќе месеци. Анкетираните денеска, главно истакнуваа дека живеат мизерно, дека едвај преживуваат и дека пари нема ни за основните потреби…
„Да не сме ние пензионерите, помладите тешко ќе опстанат! Ние им помагаме…“, ни одговори еден од повозрасните анкетирани граѓани.
„Многу лошо се живее, пиј вода и уживај. И чекај да умреш, тоа се платите во државата“, вели еден друг граѓанин. „Не дај Боже, човек да се разболи!“, ни изјави една сограѓанка.
„Околу 20.000 денари се малку пари за убаво да живее едно просечно семејство, меѓутоа има и полошо, некој преживува со 7-8 илјади денари“, беше ставот на трет соговорник.
„Нашата Влада џебовите ги има полни и не ѝе гајле за сиромашните“, дециден е еден од соговорниците на ЦИВИЛ Медиа. „Леб и сол, и сметки до гуша… Катастрофа! “, дополнува друг.
Граѓаните велат дека тешко живеат и дека парите што ги заработуваат се доволни – колку да ги платат режиските трошоци. Тие истакнуваат дека Владата мора да ја согледа вистинската слика, дека во Скопје на секое ќоше има луѓе што питачат.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента