„Сé се смени во моментот кога дојде една структура, еден режим, во таа 2006 година, можеби и порано, кој малку подобро од претходниот, кој исто така беше режим, но не баш ваков, го сфати вицот. Изборите не се добиваат во изборната кампања, изборите не се добиваат на изборниот ден, туку се добиваат со перманентна изборна кампања, со перманентна пропаганда. Вицот е во тоа да ја користите едниствената најголема каса во Македонија – државната каса… Пропагандата на овој начин, го обесмислува покривањето, известувањето, па и новинарството“, рече уредникот на „Слободен печат„ Бранко Героски на на панел-дискусијата „Меѓу чеканот и наковалната: Медиумите и новинарството во изборниот процес“, што се одржа минатата недела во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода,
„Сакам да ве потсетам како се покриваа првите неколку избори во Република Македонија. Се сеќавам дека на Македонската телевизија со часови одеа, со шублер измерени минути, бесплатни претставувања на кандидатите…, потоа, дебати во кои како на квиз имаше со ѕвончиња, па се прекинуваа, реплика, контра реплика…. Во весниците имавме цели страници кои посебно ги издвојувавме за бесплатно претставување на кандидатите, бидејќи сметавме дека тоа е наша обврска. Сакам да ви кажам дека тоа беше еден почетен период на ентузијазам, и имаше некакви обиди нешто да се направи“, рече Героски.
„Една од техниките на пропагандата е да ги направи луѓето мрзливи. Не мора да известувате ако сé ви се сервира. Нормално, ги имате тие соопштенија и не мора да одите на терен. Имате лајв-стримови од сите настани. Тоа се совпадна со природната мрзливост на медиумите и со она што е сега мода или ‘фенси’… Фенси е да се залажувате со квазидебати. Фенси е да одглумиме нешто што се нарекува истражувачко новинарство. Ние сме црна дупка на Балканот и како земја и како новинарство. Милиони евра се потрошија за развој на медиумите во Македонија, а не добивме производ! Медиумите, како и секоја друга индустрија, мора да произведуваат производи, кои луѓето ќе ги купуваат. Ние немаме производство! И ние се вртиме во круг“, рече Героски.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Моника Талеска