Елвис Бајрам, градоначалникот на Шуто Оризари, а воедно и кандидат за градоначалник на општината за локалните избори бил нападнат и повреден додека одржувал средби со граѓанките и граѓаните на Шуто Оризари. Заедно со Бајрам бил и Аднан Мемед, шеф на кабинетот на градоначалникот.
Според извори со кои контактираше тимот на ЦИВИЛ, не се работи за политичка пресметка туку за расчистување приватни недоразбирања. Бајрам бил нападнат одзади со метална шипка. Според информациите од теренот, градоначалникот на Шуто Оризари е надвор од животна опасност.
Ова е втор случај на напад врз кандидат за градоначалник за помалку од недела дена. Во Кичево беше застрелан независниот кандидат за градоначалник за оваа општина, Алит Абази, случај, исто така, на приватна пресметка, за кој сè уште се чекаат официјалните резултати од истрагата.
Меѓународниот ден на ненасилството оддекна како ден на насилството во нашата земја, а симптоматично е што и во двата случаја се работи за учесници во изборната трка.
ЦИВИЛ повикува институциите решително да се спротивстават на насилството, а престапниците да ги санкционираат соодветно на законот.
Биљана Јордановска