Рускиот агресор во повеќе бранови го нападна Кијив со балистички ракети, погодувајќи станбени објекти и енергетска инфраструктура. Според поновиот утрински биланс на градското обвинителство, пренесен од Укринформ, загинале четири лица, а 27 се повредени, меѓу нив и дете. Нападите започнаа вечерта на 13 октомври и продолжија утрово.
Во Десњанскиот реон беше погодена деветкатна станбена зграда, во која избувна пожар. Спасувачите ги евакуираа жителите и ги пребаруваа оштетените станови. Новите утрински напади повторно беа насочени кон енергетските објекти во главниот град и околината, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Зеленски: 39 балистички ракети, најмалку 600.000 луѓе без струја
Претседателот Володимир Зеленски соопшти дека агресорот во текот на ноќта употребила 39 балистички ракети и повеќе од 120 ударни дронови и баражирачка муниција против енергетската и критичната инфраструктура во Кијив, Кијивската област и Харкив.
Според неговата утринска објава, најмалку 600.000 луѓе останале без електрична енергија. Оштетувања се регистрирани на 26 елементи од електроенергетскиот систем и четири објекти од нафтениот и гасниот сектор. Тој предупреди дека прекините може да се прошират.
Дир: Енергетиката е цел додека станува сè постудено
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди:
„И во текот на ноќта и утрово, на 14 октомври, рф во бранови го напаѓа Кијив со балистички ракети. Загинаа три лица, а многумина се повредени. Главната цел е да се уништи енергетската инфраструктура на Кијив и регионот, во време кога со секој изминат ден станува сè постудено.“
Бројката од тројца загинати во објавата се однесува на претходниот утрински биланс; подоцна беше соопштено за четврта жртва.
И во текот на ноќта и утрово, на 14 октомври, рф во бранови го напаѓа Кијив со балистички ракети. Загинаа три лица, а многумина се повредени. Главната цел е да се уништи енергетската инфраструктура на Кијив и регионот, во време кога со секој изминат ден станува сè постудено. https://t.co/I0XTsN1yUk
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 14, 2026
Напади по најавеното енергетско примирје
Зеленски ги оцени нападите како свесно отфрлање на енергетското примирје што го најави американскиот претседател Доналд Трамп. Побара од Вашингтон силни санкции против Русија и дополнителни противракети за системите „Патриот“.
Во обраќањето претходната вечер, тој соопшти дека Украина повторно не добила предупредување од партнерите за лансирањето балистички ракети. Според него, украинските системи ги откриле ракетите кога веќе се приближиле кон Кијив. (Повеќе: Occupy Democrats: Зеленски го прозва Трамп поради стопирањето на предупредувањата за руските ракетни напади, ЦИВИЛ МЕДИА)
На фронтот: 229 борбени судири
Паралелно со нападите врз градовите, продолжија интензивните борби. Според утринскиот извештај на украинскиот Генералштаб, во претходното деноноќие се регистрирани 229 борбени судири, најмногу на Покровскиот правец. Рускиот агресор извршил и 87 воздушни напади, употребувајќи 283 наведувани авиобомби.
ЦМ Деск
Овој извештај е подготвен врз основа на информациите достапни до 10 часот наутро по средноевропско време, на 14 октомври. Податоците за жртвите и штетите се дополнуваат.
ЦИВИЛ МЕДИА | Преземањето е дозволено со атрибуција и активен линк.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












