Марко Маневски
Постои една мисла на Џон Стајнбек која неодамна ја сретнав на интернет, и од тогаш не можам да ја исфрлам од глава. Напиша нешто отприлика вака: за најголемиот дел од светот успехот никогаш не е лош. Се сеќава како, додека Хитлер непречено и триумфално напредувал, многу чесни луѓе барале и наоѓале доблести во него. Мусолини ги терал возовите да возат на време. (иако технички не е така, само ги натерал сите да поверуваат во тоа, но тоа е приказна за друг пат). Виши соработувал со нацистите за доброто на Франција. И што и да бил Сталин, бил силен. Силата и успехот се над моралот, над критиката. Излегува, вели Стајнбек, дека не е важно што правиш, туку како го правиш тоа и како го нарекуваш. Постои ли во луѓето, длабоко, некоја сопирачка која запира или казнува?. Изгледа дека не постои. Единствената казна е за неуспех. Во суштина, ниедно злосторство не е сторено додека не се фати злосторникот.
Го прочитав ова и прво помислив на Хитлер, Мусолини, Сталин, како што и прилега, бидејќи писателот токму тоа го имал предвид. А потоа помислив на нашата мала, топла, семејна верзија на истата болест, која не мораме да ја бараме во историските учебници за фашизмот, бидејќи ја имаме секој ден, во секоја кафеана, на секоја скара, во секој разговор кој почнува невино и завршува со истата реченица.
Па што? Се снајде.
Пробајте го ова дома, бесплатен експеримент кој гарантирано успева. Спомени му некому, на било кого, проневери и кражби на некој кој „успеал” во оваа земја. Кажи дека тој и тој украл, измамил, продал нешто што не е негово, потпишал тендер кој не постои, зел провизија за воздух. Почекај го одговорот. Нема да ти каже дека тоа е лошо. Ќе ти каже, со речиси горда насмевка, како да опишува роднина кој успеал сам да го поправи покривот: „Па што? Се снајде. Успеал човекот. Што, ти не би, да можеш?”.
И тука настапува делот кој навистина ме вади од такт, бидејќи прашањето не е реторичко, прашањето очекува одговор, како да е нормално секој од нас, кога би добил прилика, да украде без трошка грижа на совеста. Па јас не би, по ѓаволите, не би. Не затоа што сум светец, ја немам таа илузија за себе, туку затоа што знам дека тоа „снаоѓање” има име, презиме и жртва. Само што таа жртва никогаш не ја гледаме на сликата додека се фали успешниот човек со јахтата. Жртва е човекот кој умрел чекајќи на операција бидејќи тие пари кои требало да ја платат опремата во болницата некој ги „снашол” за себе. Жртва е детето кое учи на скршена клупа во училиште без греење, бидејќи парите за реновирање некој ги „снашол” пред да стигнат до училиштето. Жртви сме ние, кои плаќаме двојно за сè – еднаш преку данок, вторпат преку корупцијата која го изела тој данок пред да стигне до она за што бил собран.
Не е од вчера. Не е ни од пред четиринаесет години. И тука луѓето сакаат да ја ограничат вината на последните неколку години, како корупцијата да е изум на сегашната власт, нешто што ќе исчезне штом ја промениме гарнитурата на власт, исто како што менуваш батерии во далечинското. (иако, да, ја подигнаа на досега невидено ниво). Нема да ве лажам дека е така. Оваа болест не е стара колку последниот мандат, не е стара ниту колку последните четиринаесет години. Стара е колку и државата. Од Кнежевството Србија, преку Кралството, преку социјализмот кој тврдеше дека сè е заедничко додека некои беа „позаеднички” од другите, па сè до денес – формулата е идентична. Секој кој можел да земе, зел. Се менуваа знамиња, грбови, химни, идеологии, писма на кои пишуваме, но таа една реченица, „се снајде човекот”, се пренесуваше од колено на колено како единствено наследство кое навистина успеавме да го зачуваме недопрено низ секоја војна, секоја транзиција, секоја „нова ера”.
Тоа не е случајност. Тоа е култура. Ние сме општество кое, со генерации, ги учеше децата дека чесниот човек е будала, а крадецот паметен, само ако не биде фатен. Реченицата на Стајнбек, преведена на нашиот јазик, звучи вака: ниедна кражба не е всушност кражба, додека не стане јасно дека крадецот е губитник.
Голи и боси пред бездната, а нè нарекуваат предавници
И еве не сега, после сите тие генерации на „снаоѓање”, како стоиме голи и боси пред бездната. Институциите кои би требало да нè штитат не работат. Не затоа што се уморни, туку затоа што го прават точно она за што се прекроени: да ги штитат оние кои се снашле, а не оние кои ги нашле. Здравството кое би требало да ти го спаси животот, те убива со сопствената бавност и негрижа, буквално, не како метафора. Луѓето кај нас умираат од крајници. А зошто?. Бидејќи некој се снашол за работа која не смеел да ја има. Овде не е ретко луѓето да страдаат од воспаление кое во било која пристојно организирана земја се лекува за два дена со антибиотик, а овде се претвора во сепса бидејќи никој не те прегледал на време, бидејќи редот е предолг, бидејќи лекарот е преоптоварен, бидејќи опремата е застарена, бидејќи парите за таа опрема некој одамна, некаде, ги снашол.
А потоа доаѓаат студентите, деца кои не биле ни родени кога почнале некои од овие приказни, и кажуваат една единствена, едноставна реченица: корупцијата убива. Не како метафора за нечија пропадната кариера. Буквално. Убива луѓе кои чекаат во ред, убива деца во автобуси без технички преглед, убива луѓе под настрешници кои никој не ги проверил бидејќи таа проверка, секако, некому му била платена за да не ја направи.
И што се случува?. Наместо да ги поддржиме, наместо таа реченица да ни ѕвони како аларм, добар дел од народот ги нарекува предавници. Дивјаци. Платеници на странски сили, полтрони на странски амбасади, разгалени деца кои не знаат што е вистинска борба. Истите тие луѓе кои, кога ќе споменеш крадец со вишок квадрати, ќе ти кажат „па се снашол човекот”. Тебе, кој бараш само да не се страда поради таа снаодливост, ти велат дека ти си тој што ја урива државата.
Успехот над моралот
Стајнбек тоа го видел кај фашистите во триесеттите години од минатиот век. Ние тоа го гледаме секој ден во огледало, на помала, попровинцијална, но не помалку опасна скала. Сè додека успехот – чиј било, постигнат како било – е над моралот и над критиката, сè додека го мериме човекот по тоа колку зел, а не по тоа како го зел, нема да се поместиме ниту милиметар од Кнежевството Србија, само ќе имаме побрз интернет за побрзо да го споделуваме истиот стар сјај на туѓиот грабеж.
Затоа, кога некој следниот пат ќе ви каже „па што, се снајде”, прашајте го мирно: на чија сметка?. Бидејќи сè додека тоа прашање не стане рефлекс, наместо исклучок, ќе продолжиме да ги броиме мртвите додека некој друг брои вили на море.
Студентите Победуваат!
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
Наслов на оригиналот: Snašao se na tuđi račun
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












