Над десетина години ќе бидат потребни за обновување на изгорените шуми! Во моментов, во Македонија горат 15 пожари, а од почетокот на август до денеска, на територијата на земјава имало вкупно 27 пожари, соопштуваат од „Македонски шуми“. Оттаму наведуваат дека статистичките податоци за вкупната површина на изгорени шуми и на изгорена дрвна маса од овој месец, ќе ги објават откако пожарите ќе бидат изгаснати. Пожарот кој избувнал вчера околу манастирот Трескавец е изгаснат.
Од „Македонски шуми“ информираат дека според дефиницијата за шумски пожари, до крајот на месец јули во Македонија имало 164 шумски пожари на површина од 2.392 хектари и опожарена дрвна маса од вкупно 11.169 метри кубни.
Дрвото е обновлив ресурс и загадувањето на воздухот од пожарите треба најмногу да загрижува, но штетите во целокупната околина од аспект на растителен свет и биодиврзитетот се непроценливи, додаваат од „Македонски шуми“.
Моментално, пожари има во Чашка кај Јасенова глава, на Караџица кај Градманци и кај Никиштани, покрај Скопје – кај Маркова Река и кај местото Бразда, во Тетово – кај село Копаница и на Жеден, во Кичево – кај Лавчани, во Прилеп – кај Никодин и на Мариово, во Кавадарци – на вливот на Црна Река во Тиквешко Езеро кај селото Калишта и уште четири пожари во Македонски Брод. Горат и 150 хектари мешана шума кај мариовските села Бонче и Крушевица.
Помош за Македонија пристигна од Бугарија, Турција, а два авиона дојдоа и од Израел. Високите температури кои треба ги спречуваат напорите на противпожарните единици за справување со огнените стихии.