Categories

КАМПАЊА Мало сутра живот во нова ера, ако не гласате како што треба – ден седумнаесетти…

(Од дневникот на ЦИВИЛ-ите: 11 октомври 2017 година)

Се сеќавате колку е голем процентот на невработеност во Македонија? А некаде во меморијата фигурираат бројките – колку вработувања имаше од 2006 година наваму, со странските инвестиции?

Не се секирајте и не се оптоварувајте. Со ВМРО и нивната непроменета стратегија за решавање на проблемот со сиромаштијата, до Нова година ќе немаме што да правиме самите со себе си. Утопијата е на повидок.

Добро, Груевски вети во Делчево 150.000 вработувања и пад на невработеност за 10% на територија на Македонија. Фино. 150 илјади гласови плус за ВМРО на 15 октомври.

И ако одиме по логиката на нештата, од локалните избори зависи дали ќе се зголемат платите, пензиите, субвенциите, еј, 12.000 минимална плата, па што сме ние, робови?

Немајте гајле, во борбата за поголема контрола за два дена како на берза ќе раснат влоговите.

Нова ера со најниски даноци, и, барем за делчевци, сите сијалици на број, сите калишта исчистени, сето ѓубре исфрлено, што би се рекло – време е за генералка.

Бидејќи секое село и секое гратче се битни кога парцијално освојувате, а богами и во многу случаи стратешки клучни за влез во НАТО, за проговори со името, ЕУ, ВМРО и на Македонска Каменица,  Пехчево и Берово им понуди сѐ што е во нивна моќ излезот или влезот да не го бараат со продавање името и идентитетот, добро де, со бугарски пасоши.

За отпис на долгови и да не зборуваме, колку повеќе сте загрозени, колку поголеми долгови имате, само гласајте како што е ред и гробот за без пари ќе ви излезе.

Само проблемот е кој кого манипулира и лаже, кој краде, а кој ќе се крие по тавани и подруми.

Еве, на пример, Села од Дебар порача дека сѐ што знаеле дебарчани било лага, во сѐ што верувале, можно е да биле единствени.

Затоа ако сакаат подобра и просперитетна иднина без ограничување на слободата, со право да живеат како им е волја, дебарчани треба да внимаваат за кого гласаат. Т.е. гласајте за Арбен Аголи и бог да ве види, односно Алах, или нив да ги види?

ДУИ е познат инвеститор и бизнис партнер со кој нема да погрешите. Мислам ако сте пропуштиле, кај сте живееле до сега?

Посебно Гостивар. До кога патната инфраструктура во гостиварско ќе биде проблем? До тогаш додека не гласате за нивниот кандидат за градоначалник. Внимавајте, посебно ако сте од Симница, Горна и Долна Ѓоновица, Страјане, Падалиште и Трново, да не бидете отсечени и заборавени, нели до сега и сте биле на нечија листа, ама можат да ве сардисаат ако не сте им по ќеф.

И да го крунисаме, 11 октомври, денот на антифашистичката борба, седумнаесеттиот ден од предизборната кампања со новите херои на денешницата, кои ѓаолски се намачија за таа титула.

Со мала помош на пријателите.

И како актуелна власт, не се осмелувајте да им противречите, ако се нови, не се наивни.

И кога ќе ви речат да не им верувате на нивните опоненти, дел од нив, горенаведените, послушајте ги. Тие ветуваат чесни политичари со чисти раце, бели образи и штиркана стратегија за трошење пари на граѓанките и граѓаните. Крушево и Долнени нека ја пренесат пораката.

Ново време, не ера, живот за  сите вас и нас и мало сутра ако се откажат од Прилеп, Гази баба, Центар или пак отецот Шилегов од Старата скопска чаршија.

Или, изборот е очигледен, вие изберете кој лаже, краде, обвинува, води црна кампања, клевети… кој говори низ ветер и магла, а кој се бори за чист воздух.

При изборот бидете внимателни. Се работи за живот во нова ера со нови сили, со старо – нови проблеми и решенија, и ако некаде попатно направите погрешен избор, мудро молчете си. И така, за жал, самите ќе си бидете виновни.

Тоа ви го ветувам.

Биљана Јордановска

Секој ден, членовите на Редакција ЦИВИЛ Медиа, прават преглед на предизборната кампања, од личен, авторски аспект, со што придонесуваат кон едно поинакво, критичко гледање на предизборната реалност. Ова се текстови кои повикуваат на размислување и дискусија со факти, аргументи и независни ставови.

Print Friendly, PDF & Email