Според премиерот Зоран Заев, новата Влада од државната каса веќе заштеди милионски евра, стопирајќи ги рекламите во странските медиуми, каде што владата на Никола Груевски, трошеше астрономски суми.
„Веќе се заштедени 10 милиони евра, ги прекинавме кампањите на CNN и BBC. Ги прекинавме договорите со странските квазисоветници! Ги прекинавме договорите за одржување на целиот информатички систем на 14 информатичари во Владата“, рече денеска премиерот Заев на собраниската говорница.
Владата на Груевски, со години трошеше милионски суми на медиумски кампањи, меѓу нив, и на BBC и CNN каналите. Груевски се обидуваше преку платени аудио-визуелни стории, емитувани на овие канали, да обезбеди гаранции за својата власт во Македонија, градејќи слика дека е држава со стабилна макроекономска политика, со стабилен курс на валутата, со одлични услови за странските инвеститори… Слика, којашто целосно се распадна по објавување на „бомбите“ коишто ги обелодени за првпат тогашниот опозиционен лидер Заев, на 9 фебруари 2015.
М. Т.