Во рамките на учеството на македонската делегација на 72-то Генерално собрание на Обединетите нации, премиерот Зоран Заев, министерот за дијаспора Едмонд Адеми и министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера во Њујорк се сретнаа со претставници на Форумот за демократска Македонија, (ФДМ), глобална граѓанска заедница на иселеници од Република Македонија, преку која се слуша гласот на демократски ориентираната дијаспора.
На средбата со македонската Владина делегација претставниците на ФДМ нагласија дека се формирани врз граѓански, а не врз етнички концепт, како другите организации во дијаспората. „Ние не се препознаваме во националистичката балканска реторика за Македонија, со која честопати се поистоветувани иселениците”, порача Македонка Трајковска од името на ФДМ.
Премиерот Заев го поздрави формирањето на Форумот за демократска Македонија, истакна дека тоа е голем чекор напред и дека граѓанскиот концепт на ФДМ може да се преслика и во Македонија.
ФДМ верува дека Македонија има шанса за нов почеток, ги поздрави успешните исчекори во надворешната политика и зачетоците на нови партнерства со соседните земји и со целата меѓународна заедница и дека ова е вистинскиот пат кон интеграција во Европската унија и во НАТО.
„Сакаме да ја видиме Македонија како демократска, прогресивна и просперитетна држава. Со здрава и стабилна демократија, владеење на правото, деполитизирана јавна администрација, слободни медиуми и граѓани кои живеат во благосостојба”, порачаа претставниците на Форумот за демократска Македонија.
На средбата, претставниците на ФДМ се осврнаа на проблемите со кои се соочуваат иселениците и побараа подобрување на пристапноста на македонските конзуларни претставништва и можност за добивање на документи пo електронски пат, како и учење на македонски јазик за генерациите родени во странство преку онлајн платформа, но изразија и подготвеност да помогнат во создавањето на Владинита стратегија за дијаспората и за нејзиното мапирање.
ФДМ ја изрази и загриженоста за родовата застапеност во политичкиот живот во Македонија и побара поддршка од Владата за апелот на членката на ФДМ, Маја Павловска за олеснување на животот на лицата со посебни потреби.
По средбата ФДМ организираше прием во чест на гостите од Македонија, на кој настапија Дуке Бојаџиев и Марија Вршкова, како и виолинистот Владимир Костов.
Денес членовите на ФДМ ќе имаат работна средба со министерот за дијаспора Едмонд Адеми.