Собранието го усвои Законот за заштита од дискриминација
Пратениците со 52 гласа „за“, тројца воздржани и ниту еден глас против, го усвоија Законот за заштита и спречување од дискриминација. Со оглед дека Законот се носи со Бадентерово мнозинство, за него гласаа 13 од 20 присуни пратеници кои се припадници на немнозинските заедници.
Согласно законското решение, се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Законот претходно беше во собраниска процедура во редовна постапка, но беше „заглавен“ осум месеци, по што Владата го повлече и го препрати со европско знаменце по скратена постапка.
Кочан доби 4,8 години затвор за „Труст“
Бизнисменот Сеад Кочан доби казна затвор од 4,8 години, а Василије Авировиќ, наместо ефективен затвор, доби условна казна. Кривичниот совет судии на Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд за предметот на Специјалното јавно обвинителство со кодно име „Труст“.
Казната на Кочан ја намали од 6 на 4,8 години, а на Авировиќ од три години – во условна казна.
Епилогот за Авировиќ следува откако лани Собранието изгласа измени во Кривичниот законик, со кои за кривичното дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство, предвидената казна беше намалена од 5 на 4 години. Апелацискиот суд му ја ублажи казната од 3 на 2 години, што дозволува да му биде изречена условна осуда.
БЕСА реагира дека Албанците се изоставени
Како реакција на вчерашната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицковски, Движењето БЕСА обвини дека биле изоставени сите Албанци.
Според БЕСА, договорите на Заев и Мицковски за битни државни теми не треба да ги исклучува албанските политички претставници, затоа што истите влијаат на интересите и на Албанците во државата.
„Законот за јавното обвинителство, иднината на специјалното обвинителство, отворањето поглавја за членство во Европската унија, законот за трансформација на ДСК во нова разузнавачка агенција, реформските закони како и многу други теми што не се ексклузивни прашања само на македонските политички партии, туку се теми и прашања кои бараат поширок меѓуетнички консензус.
За четири дена истекува рокот за увид во Избирачкиот список
На 14 март истекува рокот за увид во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дисјаспората. На овој датум завршува и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење податоци во Изборачкиот список.
Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведува во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, во време од 08:30 до 19:00 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници. На 14 март 2019 годинајавниот увид ќе трае до 24:00 часот.
Одбележување на депортација на македонските Евреи
Со повеќе активности во Скопје денеска ќе бидат одбележани 76 години од депортацијата на македонските Евреи, во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот.
Д. Муратов
Фотографија: Ванчо Џамбаски
(Протест на невладините пред Собрание за донесување на Законот за заштита и спречување од дискриминација)