ВЕСТ НА ДЕНОТ: СТЕФАНОВА НА РАСПИТ ЗА „РЕКЕТ“
Денешниот распит на обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова во Обвинителството за организиран криминал, за случајот „Рекет“ траел пет часа.
„Денеска сум тука во својство на сведок и се што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да дадам ниту една друга изјава во однос на она што го имам кажано“, кусо изјави Стефанов и одлучи да не одговара на новинарски прашања.
Стефанова е втора обвинителка која се сослушува за „Рекет“, откако вчера на распит беше и нејзината колешка Елизабета Јосифоска, која е заменичка на Јанева во СЈО.
ПРОДОЛЖЕН ПРИТВОРОТ ЗА ЧЕТВОРИЦА ВРАБОТЕНИ ВО УБК, ПРОНЕВЕРИЛЕ НАД 50 МИЛИОНИ ДЕНАРИ
На тројцата вработени во УБК обвинети дека со извршените дејствија сториле по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за помагање во извршувањето на истото кривично дело денеска им е продолжен притворот, соопшти Јавното обвинителство.
Обвинетите во периодот од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година во вкупно 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при МВР подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале.
Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.
ОСУМНАЕСЕТ ГОДИНИ ОХРИДСКИ РАМКОВЕН ДОГОВОР
Пред осумнаесет години на денешен ден е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Преговорите почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
ФИНАЛНИ ПОДГОТОВКИ ЗА СЕМИНАРОТ „ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОДГОВОРНОСТ ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОЦЕСИ“
Дводневниот семинарот за стратешко планирање, едукација и градење партнерства: „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“ на ЦИВИЛ започнува утре.
Семинарот ќе се одржи на 14 и 15 август, во хотел „Романтик“, на брегот на Велешко Езеро. Специјални гости на семинарот се првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, експертот за финансии, до скоро советник на екс-министерот Драган Тевдовски, активистот за човекови права, Бранимир Јовановиќ, како и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за формирање на оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата и кој ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска достави допис до Антикорипциска комисија и побара да го расчисти случајот со бензиската „Пин Петрол“ отворенa неодамна во Куманово и да се утврди евентуалната негова поврзаност за што го обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
М. Ивановска