Вест на денот – Започна таргетираниот масовен скрининг со ПСР тестови
Министерството за здравство соопшти дека денеска почна таргетираниот скрининг на одредени критични категории на пациенти за КОВИД-19.
Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје направија план за скрининг на лица за кои се смета дека се во критична категорија. Во овој скрининг ќе бидат тестирани здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижувањена стари лица, пациенти со хронични болести кои беа одложувани, пациенти на биолошка терапија. Скринингот ќе се прави со ПСР тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот, односно луѓе кои се заразени, а не се свесни затоа што немаат симптоми. Со оваа стратегија ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително зголемување на бројот на тестови.
Први на скрининг листата се вработените во градинки, за паралелно на овој процес, со кој се подготвува протоколот за работа на градинките, тие да се ставаат во функција.
Изјава на денот –Спасовски: Се прави детален протокол за изборната кампања и за денот на изборите
„Владата прави детален протокол како ќе се одвива кампањата на политичките партии на терен, но и како ќе спроведат изборите на денот на гласањето“, најави денеска премиерот Оливер Спасовски, кој присустваше на увид на градежните работи во изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш.
„Главно во сите протоколи е дистанцата и носењето на заштитната опрема и тоа е многу важно ако сакаме да ја одржиме состојбата ваква каква што ја имаме, да имаме тенденција на намалување на инфицираните, и од тој аспект ќе биде подготвен детален протокол, како да се однесуваат политичките субјекти во текот на изборната кампања и за самиот ден на изборите“, изјави Спасовски.
Без филтер ( видео колумна): Дали гласањето ќе биде ризик за здравјето? Па, не, се разбира!
За размислувањата и дилемите околу тоа дали ќе има излезност на изборите во контекст на ризикот од коронавирусот, подетално објаснува Џабир Дерала во денешната видео колумна.
Вонредна состојба
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 24 оздравени пациенти.
– Скопје 12
– Прилеп 7
– Тетово 3
– Кавадарци 1
– Пехчево 1
Во изминатите 24 часа се направени 309 тестирања, а потврдени се 20 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-10, Прилеп-5, Тетово-4, Велес-1. Досега во земјата се направени вкупно 19.739 тестирања на КОВИД-19.
Во минатите 24 часа починати се 3 лица. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациентка од Прилеп на 59 години, хоспитализирана на 7 мај. Во Општата болница во Велес почина пациент од Велес на 76 години, хоспитализиран на 6 мај, а пациентка од Тетово на возраст од 68 години почина на пат кон инфективната клиника во Скопје, упатена од Клиничката болница во Тетово.
*
Во текот на изминатото деноноќие на ниво на целата држава 31 лице не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 19 лица, а за останатите се земени податоци за што ќе следуваат соодветни мерки.
Како што соопшти МВР, исто така, по однос на мерката за задолжително носење заштитна опрема т.е. заштитни маски евидентирани се 17 лица кои што ја прекршиле оваа мерка.
*
Врз основа на член 58 став (1) од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 12 мај 2020 година, донесе одлука за изменување и дополнување на одлуката за мерки за спречување на ширење на Ковид-19.
Предлозите за протоколи се однесуваат на тренинг на спортисти во поединечни спортови, спортските обложувалници и другите уплатно – исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалниците, работа и работни активности во центрите за едукација, обуки и семинари за возрасни, организации на седници на органи на управување и конференции и академии за едукативни активности, организирање и реализирање службени патувања на избрани и именувани лица во странски држави, моловите на територија на Република Северна Македонија, угостителските објекти и ресторани во моловите, школите за обука на возачи.
*
Спроведени се 3.690 вонредни инспекциски надзори за почитување на мерките и препораките од Владата за спречување на ширење на корона вирусот од 4 до 11 месецов. Констатирано е дека и покрај забраната дел од угостителите ги отвораат објектите, има непочитување на мерките за лична заштита, како и лоши хигиенски услови во некои објекти.
Од Инспекцискиот совет порачуваат дека постојните мерките се во сила се до нивно укинување и оти продолжуваат да го следат почитувањето на протоколите.
*
Флеш вести
Народната банка донесе нов пакет монетарни мерки со кои ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни проени со што таа ќе изнесува 1,5 проценти. Проширен е и опфатот на инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем.
*
Малите и средните претпријатија (МСП) во земјава ќе имаат корист од новото финансирање обезбедено од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со цел да инвестираат во комерцијални возила и опрема со повисоки стандарди, задоволувајќи ги ЕУ Директивите во областите на заштита на човековата околина, здравје и безбедност на работното место, како и квалитет и безбедност на производите.
*
На денешното рочиште за судењето за 27 април сведочеше премиерот Оливер Спасовски.
„Трајко Вељаноски не прифати промена на дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател“, изјави Спасовски.
На прашање од обвинителката Вилма Русковска какви акции преземала партијата во овој период, Спасовски рече дека кога започнале насилствата во Собранието пред седиштето на СДСМ се собрала поголема група граѓани.
„Единствено нешто, што преземавме јас и претседателот на партијата, е дека не дозволивме насобраните луѓе да одат накај Собрание за да не се направи уште поголем проблем“, изјави Спасовски.
Спасовски, нагласи дека партиите функционираат хиерархиски, па не може, барем во неговата партија, да не се знае нешто што се презема.
На прашање од обвинетиот Трајко Вељаноски, дали имало координација на 27 април за прашањето за промена на дневниот ред, Спасовски рече дека се разговарало на координација за истото прашање и дека и тогаш одбил, но дека предлогот го поднел и на седница.
Судењето за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието продолжува на 15 мај годинава, кога треба да бидат сослушани сведоците Стефан Младеновски и Весел Мемеди.
*
Владата на вчерашната седница реши да се дозволи функционерите да патуваат во странство, но по нивното враќање да не бидат спроведени во задолжителен карантин.
*
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и одбранбениот аташе на Норвешка Егил Далтвеит го потпишаа Протоколот за донација од Кралството Норвешка на Република Северна Македонија во потрошен медицински материјал во износ од 100 илјади евра. Овие средства се дополнување на 200 илјади евра кои Норвешка веќе ги обезбеди преку НАТО Агенцијата за поддршка и набавка.
*
Занаетчиите му доставија барања на министерот Бектеши за надминување на моменталната состојба. Дел од барањата се посебни кредитни линии и минималната плата да се исплаќа додека трае кризата.
Министерот за економија Крешник Бектеши вети дека барањата на Занаетчиската комора ќе бидат разгледани.
*
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, изјави дека тестирањето на кадарот во градинките од КОВИД-19 е подготовка за постепено ставање во функција на овие установи.
Таа истакна дека дека заштитната функција на градинките секако во еден дел не е само oбразовна и воспитна, туку и сервис којшто им помага на родителите да може да ги остваруваат своите работни задачи.
Слободна зона
„Во новиот сет мерки што Секретаријатот за економија и финансии на ДУИ ги предлага за излез од економската криза, долг е списокот на тие што помош треба да ЗЕМАТ во споредба со тие што треба да ДАДАТ. Конкретно, само уште еднаш се повторува ставот на партијата да не се намалат платите на службениците во јавната админисрација, независно од тоа дали на работа одат или не“, поентира Џевдет Хајредини.