ВЕСТ НА ДЕНОТ: ЈАВНОСТА ПОДЕЛЕНА ПО ИЗЈАВАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ
На новинарско прашање во врска со случајот „Рекет“ премиерот Зоран Заев изјави дека „нема да дозволи неколку криминалци, суетен новинар и педер“ да го симнат од власт. Оваа изјава на премиерот предизвика лавина реакции во јавноста. Дел од здруженијата го обвинија премиерот за говор на омраза и спречување на слободата на изразување. Заев пак, упати извинување до ЛГБТИ заедницата за терминот кој го употреби, велејќи дека мислел на карактерна особина на личноста, а не за сексуална определба. За новинарот, ги упати новинарите да го прашаат него зошто токму тој се пронашол во оваа изјава.
РАЗОТКРИЕНА УШТЕ ЕДНА ЛАЖНА ВЕСТ
Сензационалната вест објавена на порталот на Драган Павловиќ Латас, еден од гласноговорниците на ВМРО-ДПМНЕ дека Шведска одбила екстрадиција на обвинет за насилствата на 27 април е сепак лажна.
Амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон во изјава за ЦИВИЛ Медиа изјави дека обвинетиот Дејан Дуковски е задржан во притвор по решение на Окружниот суд, и тој ќе остане таму додека не се донесе одлука за екстрадиција.
„Барањето сега е доставено до Врховниот суд за да испита дали постојат правни основи да се одобри екстрадицијата под услови утврдени со закон. По овој преглед, ова мислење ќе биде доставено до Владата во Шведска за понатамошно испитувањето и донесување на одлуката за случајот.
Значи, нема одлука за екстрадиција, Владата во Шведска не донесе никаква одлука за овој случај. Единствената одлука е од Окружниот суд да се задржи Дејан Давидовски во притвор“, изјави Стафансон за ЦИВИЛ Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Меѓународната заедница е едногласна во барањето до властите во Северна Македонија во врска со случајот „Рекет“ да покажат на дело дека во земјата има владеење на правото и дека правната држава функционира.
Премиерот Зоран Заев го искоментира барањето на опозицијата за оставка и предвремени парламентарни избори по објавата на случајот „Рекет“ изјави дека нема намера да размислува за такво нешто. Заев истакна дека мора да се даде шанса за раст на економскиот стандард, а не да се оди на предвремени избори поради нечија желба.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека владината коалиција не е загрозена поради разликите во одредени ставови.
ЦИВИЛни АКТИВНОСТИ
Во тек е првата отворена сесија од семинарот „Транспарентни и одговорни политички процеси“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го организира во хотел Романтик на Велешкото езеро.
На сесијата говорат претседателката на ДКСК Билјана Ивановска и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Со овој семинар се обидуваме да изградиме долготрајни релации со институциите и граѓанското општество во борба против корупцијата“, изјави Дерала.
Ивановска, пак истакна дека благодарение на учеството на граѓанското општество дојде до значајни промени во законите, вклучувајќи го и законот за спречување на корупцијата.
М. Ивановска