ВЕСТ НА ДЕНОТ: Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во придружба на заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска го посетија Куманово, како град со најголем број на заразени од коронавирусот КОВИД-19 по глава на жител.
Премиерот Спасовски и вицепремиерот Османи присуствуваа на состанок на Општинскиот кризен штаб, на кој од страна на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и останатите претставници на локалната власт беа информирани за мерките и препораките кои се преземаат во насока на спречување на ширењето на коронавирусот.
Премиерот Спасовски истакна дека врз основа на добиените информации на состанокот се разгледувани сите опции, со цел да се спроведат потребните мерките кои ќе доведат до побрзо и поуспешно надминување на оваа криза.
„Ние како Влада навремено, пред многу држави во регионот воспоставивме мерки за превентива и заштита, кои даваат резултати. Ќе направиме сè што треба да помогнеме да го заштитиме здравјето и животот на граѓаните, бидејќи тоа е наш врвен приоритет. Исто така ќе направиме сè што треба да и помогнеме на економијата, на работниците и работодавачите, со цел сите да ја преживееме оваа криза“, истакна премиерот Спасовски.
Воедно, претседателот на Влада Спасовски ги повика граѓаните да се почитуваат препораките, односно да одржуваат социјална дистанца и да останат дома.
„Колку повеќе и поуспешно ќе се почитуваат овие препораки, и ќе бидеме подисциплинирани, толку ќе имаме подобри резултати во пресекувањето на патот на ширењето на вирусот“, истакна претседателот на Владата Спасовски.
Во однос на мерките кои се преземаат, премиерот Спасовски истакна дека тие се носат врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, односно во консултација со експертите.
Во таа смисла во однос на мерките кои ќе се преземаат поспецифично за Куманово ќе зависат од препораките на стручните лица.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: За претстојните Велигденски празници премиерот упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките, пред сè да не се групираат и да одржува физичка дистанца.
https://www.facebook.com/kumanovskimuabeti1/videos/227158775013102/
„Сега е моментот Велигденските празници да ги прославивме дома во кругот на нашите семејства и во духот на нашата традиција. Ние немаме одлука за затворање на верски објекти, ниту за непрактикување на верата, бидејќи тоа не може да се донесе. Без разлика на состојбата во која се наоѓа државата, тоа е право кое е неприкосновено. Но, веќе и МПЦ и ИВЗ излегоа со ставови да се почитуваат препораките“, истакна Спасовски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со повикот на МПЦ за велигденските празници со воведување на термини за во црква.
Во меѓувреме, МПЦ останува на традицијата една лажица за сите за причест за Велигденските обреди, но и дека иконите ќе бидат дезинфицирани за да можат верниците да ги бакнуваат.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Денеска се регистрирани 12 оздравени пациенти од Скопје кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.
Во изминатите 24 часа се потврдени 66 нови случаи на Ковид-19. По градови:
– Скопје-10
– Куманово-27
– Штип-3
– Прилеп-4
– Тетово-5
– Струга-4
– Велес-2
– Охрид-5
– Гостивар-1
– Кочани-3
– Неготино-2
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 974 лица. Во изминатото деноноќие направени се 500 теста.
За пациентка која пред два дена почина во ГОБ „8 септември“ денеска е пристигнат резултат на брис кој покажал присуство на Ковид-19. Пациентката на возраст од 76 години, од Скопје, била хоспитализирана во болницата со симптомите на вирусот. Согласно конечната потврда за присуство на Ковид-19, овој случај ќе биде евидентиран во денешната статистика на Институтот за јавно здравје.
Едно лице кое во вчерашната статистика беше евидентирано во Куманово, по завршување на епидемиолошката анкета е утврдено дека е жител на Крива Паланка и согласно тоа е адаптиран денешниот извештај.
*
Хроничните пациенти со ревматски заболувања спаѓаат во групата на високоризични пациенти и поради тоа треба да бидат во домашна самоизолација, а при контакт со други лица да ги преземат препорачаните заштитни мерки и да носат заштитна маска и ракавици, соопшти денеска Министерството за здравство.
*
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија денеска соопшти дека ги поддржува и почитува сите мерки што ги презема Владата за заштита од коронавирусот, но предлага да се продолжи времето на пензионерите, кога ќе можат да излегуваат во текот на денот, за уште еден час.
*
Пет угостителски објекти и 60 кафемати на бензински пумпи во Скопје, Тетово, Битола и Куманово се затворени при инспекциските надзори спроведени во периодот од 9 до 13 април. Изречена е и една глоба за пуштање во промет на производ со поминат рок, како и седум решенија и девет укажувања за работодавачи кои не ги почитувале мерките на Владата.
Директорката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашковска денеска на прес-конференција во Владата информираше дека во овој период спроведени се вкупно 1.319 надзори од кои 514 од страна на Пазарниот инспекторат.
Генерално, како што посочи Филиповска-Грашкоска, се почитуваат одлуките и за замрзнатите цени на одредени производи, а онаму каде што е забележано зголемување наложено им е на субјектите да ги вратат цените од 11 март.
*
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за определување казнен налог против три лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од ОЈО Скопје.
-Обвинетите на 13 април околу 22 часот, во скопско Сингелиќ биле затекнати надвор од нивните домови, без да поседуваат дозвола за движење, со што ја прекршиле Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, соопштија од Обвинителство.
Основното јавно обвинителство Скопје на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на тројцата обвинети да им изрече парични казни од 100 дневни глоби, а висината на една дневна глоба да биде определена на износ од 50 евра.
*
Вработените во Стопанската комора на Македонија и Кризниот штаб при Комората одговорија на околу 2.500 прашања од компаниите во периодот од 25 март наваму од кои најголем дел се однесуваат на детали околу дозволите што ги издаваат работодавачите за движење на нивни вработени поради вршење на сменска и ноќна работа, информираат од Комората.
*
Основното јавно обвинителство Ресен поднесе Предлог за издавање казнен налог против четири лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, како што посочија од Основното јавно обвинителство, постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија и за време на полицискиот час биле затекнати како се движат на различни локации.
*
Основното јавно обвинителство – Битола побара парична казна во износ од 100 дневни глоби за две лица заради непочитување на полицискиот час.
– Основното јавно обвинителство – Битола побара парична казна во износ од 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 20 евра, односно по 2.000 евра во денарска противвредност, за две лица кои го сториле кривичното дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
*
Обвинителството во Тетово поднесе предлози за парични казни за пет лица, соопштија од ОЈО Тетово.
– Обвинетите во одделни кривично правни настани на 13 и 14 април 2020 година, не ја почитувале Одлуката на Владата на Република Северна Македонија со која се забранува движење на населението на територијата на државата, а во насока на спречување на натамошно ширење на пандемијата, информираат од Обвинителство.
*
Апликацијата #StopKorona! ја инсталирале 31.245 лица за еден ден
ФЛЕШ ВЕСТИ
Претседателот Стево Пендаровски преку видео врска оствари разговор со директорката и со дел од вработените медицински лица на Инфективната клиника во Скопје при што беше информиран за моменталната состојба на клиниката, за бројката на пациенти и нивната здравствена состојба, како и за сместувачките капацитети на оваа институција и за расположливиот медицински персонал.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски преку видео врска денеска разговараше и со директорот на Здравствен Дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски, со раководителката на Итната медицинска помош, д-р Милица Бубало, како и со д-р Марија Милеска Аврамоска, која е дел од интервентна екипа на Брзата помош.
*
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога на национален координатор за распределба на странска помош во земјава и Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, во присуство на Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз ја примија донацијата од САД за нашата земја, која се состои од заштитна медицинска опрема за борба против КОВИД 19.
*
„Овде во Европа, во САД и насекаде во светот, се соочуваме со фундаментални предизвици по животот, таков каков што го знаевме. Данокот што го зема КОВИД-19, во однос на човечките животи и нашето секојдневие – образованието, работата, општеството, меѓучовечките односи – беше скоро незамислив пред само шест месеци. Луѓето на нашите две земји, а и во сите други држави погодени од ова премрежие, се обединети во жалоста по починатите, грижата за заболените и очекувањата со претпазлива надеж дека ќе се вратиме на нормалниот секојдневен живот.
*
Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија.
Од Уставниот суд информират дека денеска на седница по обемна расправа по предметот на крајот со мнозинство гласови е одлучено да не се поведе постапка за оценка на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија.
Иницијативата е поднесена од Светскиот македонски конгрес.
*
Уредбата со законска сила за ограничување на преносот на придонесот за задолжително и капитално финансиско пензиско осигурување којашто на денешната седница ја предложи ВМРО-ДПМНЕ преку својот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев е на штета на осигурениците и од тие причини Владата не ја прифаќа, се вели во соопштението од Владата на Република Северна Македонија.
*
Правните лица кои вршат угостителска дејност, туризам и транспорт и други обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за заштита од коронавирусот ќе бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход и на данокот на добивка за март, април и мај 2020 година, најави денека директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.
*
Народна Банка ослободува 130 милиони евра за кредитирање на економијата
*
Фирмата за разузнавање за компјутерска безбедност „Сајбл“ забележала зголемување на продажба на профили на 1 април, кога достапни за продажба биле 530.000 профили за $0.002 од профил, а некои се споделувале и бесплатно, објави Blinding Computer.
*
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека им наредил на членовите на администрацијата барем привремено да го запрат финансирањето на Светската здравствена организација заради начинот на кој таа раководеше со пандемијата на коронавирусот.
На прес конференција во Белата куќа Трамп кажа дека СЗО не ја исполни својата основна должност и дека за тоа мора да одговара, пренесоа британските медиуми.
Тој ја обвини СЗО дека промовира „кинески дезинформации“ за коорнавирусот, што, како што оцени, веројатно доведе до поголема епидемија на вирусот отколку што во спротивно ќе се случеше.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го повика американскиот претседател Доналд Трамп да не го прекинува финансирањето на СЗО, истакнувајќи дека „сега не е време за тоа“.
„Запирањето на финансирањето на СЗО е опасно. Нивната работа помага за запирање на ширењето на вирусот и во светот нема друга организација која би можела да ја преземе нејзината улога. На светот му треба СЗО повеќе од кога и да е“, реагираше Бил Гејтс на Твитер.
Првиот европски дипломат, Жозеп Борел, денеска ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине финансирањето на САД на Светската здравствена организација.
„Нема причина што може да го оправда овој потег во момент кога нивните напори се неопходни повеќе од кога било порано за да помогнат во надминувањето на пандемијата на коронавирусот”, порача тој.
*
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ,денеска предупреди дека вирусот Ковид-19 не смее да стане безбедносна криза.
Во интервју за бриселскиот портал Еуроактив, тој рече дека светот мора да се бори против вирусот Ковид-19, но во исто време мора да се обезбеди здравствената криза да не стане безбедносна.
– Во исто време, ние мора да се бориме против вирусот Ковид-19, но исто така да се занимаваме и со други закани и предизвици со кои се соочуваме, рече Столтенберг и ја нагласи промената на глобалната рамнотежа со подемот на Кина и поголема упорност на Русија.
*
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, на денешната прес-конференција во Брисел информираше дека Самитот ЕУ-Западен Балкан кој требаше да се одржи во мај не се откажува.
„Планираме во наредните недели да го одржиме самитот во форма на видео-конференција, по консултации со хрватското претседателство, за да и дадеме поттик на соработката со регионот“, изјави Мишел.
*
Инсталација на папучи изработени во рамки на уметничката акција „Седете дома” е поставена на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Неколку автори работеа етапно и одвоено на инсталацијата, која е поставена за да им порачаат на граѓаните дека периодов треба да останат дома.
*
Од Град Скопје денеска информираа дека во 18 часот на покривот на Домот на градежници ќе се одржи првиот концерт од оваа програма. Младиот скопски музичар и некогашен фронтмен на бендот „The John”, Lepi Xhoni, ќе одржи едночасовен соло концерт за станарите од Градски ѕид, а концертот ќе биде стриман на фејсбук страницата на Град Скопје https://www.facebook.com/CityofSkopje/?ref=br_rs и на официјалниот Youtube канал на Град Скопје https://www.youtube.com/channel/UChnvnL2Inms7iLk6uzQFyTw
*
Виолина и филм“ е насловен онлајн концертот што вечерва, 15 април, во 20 часот, ќе го одржи виолинистката Пламенка Трајковска. Ова е уште еден нејзин обид својата креативност да ја доближи до најшироката публика во услови на социјална дистанца.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За да нема забуни, кога во НАТО зборуваат за создавање посебен тим во Македонија за борба со „хибридни закани“ на кои е изложена земјата, во тоа не влегуваат само контрирањата на класичните пропагандни активности низ медиумите насочени против интересите на Алијансата. Тоа е можеби и најмалиот, а најлесно видлив дел од работата, како едно романтично потсетување на 20-тиот век. Напротив, современите одговори на овие непријателски делувања подразбираат покренување на комплексен систем од контраразузнавачки мерки, финансиски истраги, технолошки решенија, комуникациски следења и, воопшто, опсежни анализи на огромен број на податоци со кои се идентификуваат, се систематизираат, се анализираат, а потоа и се елиминираат таквите хибридни закани. Да, да, баш како од сценаријата на шпионските трилери од холивудската продукција.“ – пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „НАТО на солзите не им верува“
„Каква економија, образование, култура, забава, секс… нѐ чека во блиската иднина? Ова е научно-фантастична, но и не толку фантастична верзија на светот по пандемијата“, Џабир Дерала отвора нови прашања во новиот Рафал „Светот по пандемијата“ .
Дијана Тахири