Непотизам
Државната комисија за спречување на корупцијата на втората седница го отвори постапки за утврдување на судир на интереси по службена должност, ги разгледуваше барањата за мислења доставени од разни институции во врска со претседателските избори и дискутираше за отворање предмет за злоупотреба на расределба на буџетски средства за финансирање на програма од областа на културата.
Што се однесува до постапките за судир на интереси по службена должност, ДКСК ќе поведе постапка за 18 роднини на функционери и пратеници вработени во државните институции и претпријатија.
Перспективи 2019
ЦИВИЛ го објави целосното видео од конференцијата Перспективи2019 на која јавноста имаше можност да ги види и слушне оние што со години беа и останаа остри критичари на лошите политики и практики, без оглед на тоа која партија е на власт.
Конференцијата се одржа на 13 февруари во Кино Култура, а свои излагања имаа германскиот амбасадор Томас Герберих и Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Александар Кржаловски (МЦМС), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Кочо Андоновски (Центар за поддршка на ЛГБТИ+) и Фатон Алити. Во име на ЦИВИЛ, говореа Биљана Јордановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала.
НАТО
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по повод денешните сесии на министерскиот состанок во НАТО истакна дека ова е вистинска прилика да се види која е разликата од тоа дали земјата учествува или не на состаноците на Алијансата. Шекеринска потенцираше дека нашите припадници продолжуваат со придонесот во Авганистан, но и со поддршката на мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР- АЛТЕА, како и со мисијата на Обединетите Нации во Либан.
Денеска заврши првата сесија на Северноатлантскиот совет на министри за одбрана на земјите-членки на НАТО. На состанокот, како и на билатералните средби со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг, и со министрите за одбрана на Грција, на Турција, на Канада, на Велика Британија, на Белгија и на Бугарија, министерката Шекеринска доби честитки за заземеното место во НАТО како и за покажаната храброст и лидерство.
Избори
Министерството за информатичко општество и администрација до Државната изборна комисија најдоцна до утре треба да ги достави податоците за вработените во државната и општинска администрација, администрацијата на Град Скопје, како и јавната администрација, за формирање на Општинските изборни комисии.
Министерството за надворешни работи, пак, до ДИК треба да ги достави податоците за дипломатите вработени во соодветно ДКП заради формирање на Избирачките одбори, најдоцна до 21 февруари.
ДИК го реобјави и и правилникот за начинот на постапување на полицијата за време на изборите, кој е истиот од претседателските избори во 2014. Исто така, објавено е упатството за примена на член 112-а од Изборниот законик за лица со посебни потреби.
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе се знае до утре, а СДСМ за претседателски кандидат ќе се одлучува на 3 март.
Трагедија и говор на омраза
Со едноминутно молчење, започна вчерашната комеморативната седница на Општина Гостивар, каде што, освен градоначалникот Арбен Таравари, учествуваше и премиерот Зоран Заев, а се појави и Ѓорѓи Иванов. Советот прогласи три дена на жалост, 14, 15 и 16 февруари.
Самата сообраќајна несреќа, со оглед на општествено-политичката состојба во земјата, предизвика, за жал и многу говор на омраза на социјалните мрежи. Јавноста бурно реагираше на ваквиот говор и го повика Министерството за внатрешни работи да преземе мерки. Денеска МВР покрена пет постапки за говор на омраза, а министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека се поднесени соодветни пријави во надлежните јавни обвинителства во Скопје, Струмица и во Куманово. Од Основнот јавно обвинителство вчера соопштија дека Интензивно работат на утврдување на сите детали кои можат да ги откријат причините за несреќата.
Денеска е втор ден на национална жалост по смртта на 14-мина патници во сообраќајната несреќа што се случи пред два дена на автопатот Скопје-Тетово, каде автобусот на агенцијата „Дурмо-турс“ излета од автопатот, каде 37 патници се повредени, а во критична состојба се наоѓаат петмина.
Министерството за здравство, пак, заедно со невладината организација „САНО“ им понуди сместување на роднините на повредените во родителска куќа во близина на министерството.
Б. Јордановска