ВЕСТ НА ДЕНОТ: Се укинува домашната изолација што беше задолжителна по државниот карантин
Патниците од странските земји, кои влегуваат на територијата на Северна Македонија, по завршување на временскиот период од 21 ден или 14 дена во задолжителен државен карантин, веќе нема да бидат упатувани на дополнителна домашна самоизолација, беше одлучено на денешната, 55-та, владина седница.
Се нормализира јавниот градски и меѓуградски превоз од и кон општина Куманово, откако денеска Владата го прифатила предлогот на Главниот штаб за координација, врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести.
„Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба, со која се уредува дека за време на траење на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 31 декември 2020 година, при спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во возилото се присутни претседателот на испитната комисија и испитувачот по практичен дел“, информираа од владината прес-служба.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА:
Во изминатите 24 часа направени се 533 тестирања, а регистрирани се 22 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-8, Штип-2, Прилеп-2, Тетово-3, Струга-1, Велес-4, Свети Николе-1 и Гостивар-1. Од тестирањата, 203 биле во рамки на скринингот во градинки во Велес и Скопје и сите се негативни.
Досега во земјата се направени вкупно 22.255 тестирања на КОВИД-19. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 50 оздравени пациенти и двајца починати.
*
Министерот за здравство Венко Филипче на својот ФБ профил им се заблагодарува на сите оздравени пациенти од КОВИД-19, кои донираа плазма за лекување на заболени.
*
„Коронавирусот многу веројатно ќе има и втор бран, покажуваат сите досегашни студии, но и искуства од други епидемии. За него се подготвуваме согласно консултациите кои ги имаме со повеќе земји, со СЗО, но и со поединечни случаи од повеќе земји. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Се подготвуваме за новиот бран на вирусот наесен и ќе го пречекаме поподготвени за да го заштитиме здравјето за граѓаните“, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
*
Во текот на изминатото деноноќие евидентирано е дека на ниво на целата држава 59 лица не ја почитувале забраната за движење. Полицијата привела 46 од нив, а за останатите зела податоци и најави соодветни мерки.
*
Од досега направените 908 тестирања на вработените во градинките во Битола, Скопје и Велес, потврден е само еден позитивен случај со КОВИД-19, во Битола.
*
Активности за дезинфекција и санитизација на детските и бебешките душеци во сите градинки во општината Центар најавија денеска во матичниот објект на ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“, градоначалникот Саша Богдановиќ и претставници од компанијата „Clean Max“.
*
Владата на денешната седница го прифати предлогот за нормализирање на јавниот градски и меѓуградскиот јавен превоз од и кон Општина Куманово, соопшти премиерот Оливер Спасовски на својот фејсбук профил.
*
Во денешниот здравствен билтен за новозарезени пациенти со коронавирус се нотира и случај од Свети Николе, но попладнево од Општинскиот кризен штаб информираат дека Свети Николе и понатаму успешно се справува со ширењето на вирусот, а денешниов случај е од соседната помала Општина Лозово.
*
Гостиварската локална самоуправа започна со подготовките за отворање на градинките. Според градоначалникот Арбен Таравари, првиот чекор е скринингот на вработените во градинките и центрите за ран детски развој. Тестирањата треба да се спроведат на 25 и 26 мај.
*
Министерството за економија како надлежно за секторот угостителство ги почитува сите предлози и препораки од Комисијата за заразни болести. Во зависност од препораката од Комисијата, Владата ќе расправа и ќе донесе соодветна одлука кога ќе почнат со работа угостителските објекти, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
ФЛЕШ ВЕСТИ:
„Денеска ја реафирмиравме нашата решеност да продолжиме и да ја продлабочиме нашата соработка за да ги ублажиме последиците од пандемијата на КОВИД-19 и да ги поставиме темелите за закрепнување на регионот“, пишува во заедничката изјава по вториот министерски форум „Солун 2020“ на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
*
„Република Северна Македонија годинава е најдобра во регионот во однос на препораките на Европска комисија од Програмата за економски реформи, за периодот од мај 2019 година до јануари 2020 година, кои се однесуваат на реформски мерки за јакнење на финансиската стабилност и креирање на работни места. Исто така, Европската комисија позитивно ги оцени нашите политики за справување со коронакризата“, соопшти Министерството за финансии (МФ).
*
„Да се помогне секому кому му е потребна помош, динамичен раст и градење нова развојна македонска економија базирана на иновативни решенија, тоа беа принципите од кои се водевме заедно со Економскиот совет на СДСМ кога го креиравме третиот предлог пакет економски мерки. Ја поздравувам одлуката на Владата да усвои голем дел од нашите предложени мерки“, порача денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
*
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека има простор за разговори со опозицијата за датум за предвремени парламентарни избори се до завршувањето на вонредната состојба во следните седум до десет дена, но доколку не се најде решение потоа ќе мора да се почитуваат уставните одредби и законските рокови и да се оди на избори, на коишто тој е убеден дека ќе победи.
*
Новинарката Мирослава Бурнс побара извинување и повлекување на текст од порталот доказмакедонија.мк, објавен со наслов ,,Дебелата Мирослава дедојебојка сака да печали на грб на Доказ од Европска Унија”, бидејќи во текстот се изнесени низа клевети и навреди со кои и се нарушени честа и угледот. Но, наместо извинување и повлекување на текстот од порталот Доказ, новинарката Бурнс доби „ма мрш у п…. материну“, односно објавениот „демант“ со наслов „Дедоебојката барала демант од ДОКАЗМ, а кој те тера да се закачаш бе“, изобилува со говор на омраза и сексизам.
*
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски постојано купуваат време, постојано бараат нови и нови изговори само за да избегаат од изборното соочување, тогаш кога е најпогодно за граѓаните и државата, а пред се од здравствен, економски и демократски аспект, оцени генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, во денешното гостување на „Утрински брифинг“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Десетина помали и независни синдикати и невладини организации, меѓу кои има и прилично угледни, вчера го поддржаа ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата нема стратегија за помош на населението („работнички, работници, сиромашни и сите други обезгласени и обесправени“) погодено од здравствената криза, туку дека со палијативните, а не системски мерки од третиот пакет на помош, практично, предизборно купува гласови за себе“, пишува Сашо Орданоски во Невладината левица со предизборен аперкат за СДСМ
А. Петровска