ВЕСТ НА ДЕНОТ: Филипче: Точно знаеме што се случува и имаме капацитет да се справиме и со овој бран на КОВИД-19
„Состојбата на здравствениот систем, капацитетите на згрижување пациенти, големиот број слободни болнички кревети, нискиот број заразени здравствени работници, бројот на слободни респираторни машини, познатите кластери, што го потврди оваа интензивна активност во изминатите неколку денови, од анализа на контактите и сите други индикатори, укажуваат дека точно знаеме што се случува и имаме капацитет да се справиме и со овој бран на болеста“, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, има суштинска разлика меѓу првиот и овој бран. Тогаш, посочи, не знаевме што може да очекуваме, не знаевме колку може да се прошири вирусот, имаше многу непознати и за самиот вирус не знаевме колку може да го оптовари здравствениот систем.
„Сега имаме друга состојба, имаме веќе знаење, ресурси, сериозно надграден здравствен систем и во однос на капацитети за сместување, и во однос на медицинска опрема и во однос на знаење на здравствените работници. Тоа е задачата на системот – да биде организиран и подготвен, односно да сме сигурни дека можеме да се носиме и со овој бран“, рече Филипче.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Рамчиловиќ: ВМРО-ДПМНЕ намерно ги кочи изборите за да имаме нефункционално Собрание и институции
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Од вкупно 868 направени тестирања во изминатите 24 часа, регистрирани се 67 позитивни пациенти на КОВИД-19. Се уште не се пристигнати бројките од една приватна лабораторија и во следните неколку часа ќе биде објавена и деталната статистика по градови. Има 25 оздравени пациенти, и еден починат пациент.
*
Во периодот од 11 март до 28 мај годинава Државниот инспекторат за труд регистрирал 2.300 пријави од граѓани, од кои 847 на непочитување на мерките за заштита од коронавирусот. Останатите пријави, како што рече директорот Аљајдин Хавзиу, биле за добивање информации.
*
Основното јавно обвинителство Ресен против три лица од Ресен поднесе предлози за издавање казнени налози за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
*
Министерството за внатрешни работи во соработка со Државниот пазарен инспекторат досега извршиле контроли на вкупно 2.184 угостителски објекти, при што констатирано е дека 24 не ги спроведуваат одлуките на Владата.
*
Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија на 337 лица им се издадени решенија за изолација, а 62 лица потпишале изјави за самоизолација.
*
Граѓаните кои ќе користат јавен превоз мора да носат заштитни маски, а автобусите задолжително редовно да се дезинфицираат. Но, и покрај препораката за задолжително носење на заштитна маска, сепак дел од патниците не ја почитуваа мерката, односно не носеа ниту заштитна маска, шал, марама…
*
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека на состанок, претставници од Фудбалската федерација на Македонија и членовите на Комисијата за заразни болести донеле одлука да се тестираат сите спортисти пред почетокот на сезона, како и лицата кои се инволвирани во тренинзите.
*
Во рамки на скринингот, во приватен дом за стари лица, што има објекти во Ченто и Кадино, во едниот се позитивни две штитенички, а во другиот тројца вработени. Изанализирани се сите контакти и дадени се решенија за изолација, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
*
Почна масовното тестирање на текстилните работници во петте конфекции, кои од денеска треба да се затворени. Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека денеска ќе земат околу 200 брисеви.
*
„Се уште нема одлука во однос на можноста за враќање на рестриктивните мерки, кои што ги најавивме во текот на вчерашниот ден, во смисла на тоа дека Комисијата за заразни болести ги разгледува. Ги следиме информациите, бројките од денеска, ќе ги следиме и во текот на утрешниот ден или во четврток ќе се донесат соодветни одлуки“.
*
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, на својот Фејсбук профил информираше дека неговиот резултат од тестот за корона вирус е позитивен.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Пресуда за Јанева и Јовановски на 18 јуни
„Ве поздрави Младоженецот кој на 24 мај изјави дека „КОВИД-19 го победивме и од овој момент можам да го прогласам за мртов, еднаш засекогаш“!
И остана жив. Арно не предложи да се пијат средства за дезинфекција.
Седум дена потоа, како по епидемиолошки учебник, почнавме да броиме десетици заразени во нови кластери во Чаир, Бутел, Сарај и Тетово, каде многумина и не веруваат дека вирусот постои. Броењето ќе потрае барем уште една недела, додека не го победиме ковид-19 еднаш засекогаш. За жал, кај некои од изброените новозаразени таа „победа“ може и навистина да биде – засекогаш“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна „Ајде, Филипче, зарази се веќе еднаш!“
„Имаме прилика да научиме да се гледаме очи в очи, да си упатиме поздрав на различни начини, со гест, со збор, со топлина во гласот, со насмевка во очите, со допир на стапалата или лактите. Да ги подобриме хигиенските навики, да не си дишеме и плукаме еден на друг за да покажеме дека сме срдечни. Да научиме повеќе за онлајн технологиите. Пандемијата може да ни помогне да станеме поумни, повоздржани, подобри човечки битија, а не глупави и себични“, пишува Џабир Дерала во Сезнајковци од сите маала, обединете се!
Ангела Петровска
во соработка со: Биљана Јордановска и Дехран Муратов