Кацарска: Иванов нема право да амнестира
Судијката Добрила Кацарска истакна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски може мирно да спие бидејќи кај неа немало нарачани пресуди. Таа додаде дека одлуката за Игор Дурловски и е најтешка ослободителна пресуда донесена некогаш. Кацарска исто така потенцираше дека претседателот Ѓорѓе Иванов во оваа фаза, пред изборите, нема право да прогласи амнестија, но како граѓанин на државава и како судија, се надева дека нема да го направи тоа.
Засега само Блерим Река ја достави својата кандидатура во ДИК
Кандидатите за претседателна државата треба да ги достават своите кандидатури до Државната изборна комисија најдоцна до четврток на полноќ. Својата кандидатура со собрани потписи вчера ја достави независниот кандидат Блерим Река, поддржан од опозициските партии Алијанса за Албанците и Беса. Кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска – Давкова сè уште не ги поднеле своите кандидатури.
ЦИВИЛ констатира недоследности, нерегуларности и негативни појави во изборниот процес
Врз основа на долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ, се констатира дека изборната кампања за претседателските избори е одамна започната, иако законот предвидува почеток на кампањата на 1 април, три недели пред денот на гласањето.
Дел од предизборниот фолклор во текот на претходните изборни процеси беа структурното насилство, говорот на омразата, лажните вести, корупцијата, незаконското политичко финансирање, злоупотребата на службената положба, купувањето гласови, притисоците, заканите и уцените. ЦИВИЛ нотира дека голем дел од поранешните слабости, нерегуларности и измамнички практики во изборните процеси се делумно надминати со новините во Изборниот законик, зајакнувањето на дел од релевантните институции и други реформски чекори.
Изборна хроника
ЦИВИЛ од денеска ќе води „изборна хроника“ на предизборните активности на претседателските кандидати и на структурите што ги поддржуваат, со цел да се детектираат нерегуларностите во предизборната кампања, што е дел од предизборниот мониторинг на организацијата.
Тоа на „М“ нема да се продава за нови амбулантни возила
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, изјави дека „мерцедесот“ од 600.000 евра што беше набавен во време додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, е уште дел од судската постапка „Тенк“ и дека за него ќе се одлучува по завршување на постапката. Како што нагласи Бошњаковски, не треба да се бара продажба на „мерцедесот“ за новите амбулантни возила.
Нови 12 амбулантни возила за Брза помош ќе набави Владата, а осум возила од Министерството за земјоделие ќе бидат пренаменети, додаде тој.
ДКСК ќе истражува за случајот „Матка“
Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за две вработувања во Агенцијата за аудио и аудиовизулени и медиумски услуи што се случиле во изборен процес. ДКСК решија да спроведат истрага и за сомнежите во јавноста за случајот „Матка“, а ќе проверуваат дали има злоупотреба и незаконско постапување во Општина Сарај.
Норвешка ја почна постапката за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, каде беа истакнати традиционално пријателските односи меѓу двете земји и беше поздравен договорот од Преспа, како добар модел за решавање спорови во регионот, се разговараше процесот на зачленување на земјата во НАТО, и за реформите кои имаат цел забрзување на интеграцијата во Европската Унија.
Норвешка веќе ја почна постапката во Парламентот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО и го поддржува и се радува на полноправното членство на земјата во Северноатлантската Алијанса.
Домашен притвор за Стевчо Јакимиовски
Судот му одреди мерка домашен притвор на претседателот на пратијата ГРОМ и поранешен градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Јакимовски вчера беше приведен заедно со двајца вработени во општината поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување и за кривично дело бесправно градење.
Д. Муратов