ВЕСТ НА ДЕНОТ: Спасовски-Тигањ: За да не ги доведеме во прашање преговарачката рамка и меѓувладината конференција со ЕУ, избори веднаш по вонредната состојба
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски ја прими амбасадорката на Република Хрватска во нашата земја, нејзината екселенција, Нивес Тигањ.
Амбасадорката Тигањ го информираше премиерот Спасовски дека Хрватска, како уште еден приоритет за време на нејзиното претседавање со ЕУ, доставила допис до Европската Комисија дека во јуни треба да биде поставена преговарачката рамка за Северна Македонија со што ќе се отвори патот за првата меѓувладина конференција која треба да го означи почетокот на преговорите по поглавја за заокружување на процесот за членство на земјата во ЕУ.
Спасовски на средбата потенцираше дека сите прашања од особено значење за Северна Македонија, за кои Хрватска во овој период даде поттик и поддршка да се решат во најдобар интерес на земјата, треба да се заокружат во услови на функционални институции формирани врз основа на волјата на граѓаните на избори, за кои нагласи дека е од исклучителна важност да се одржат во првиот можен рок, односно дека датумот на изборите го определува Уредбата со законска сила со која што изборните дејствија се ставија во мирување и која утврдила дека изборните рокови продолжуваат во моментот кога ќе престане вонредната состојба.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Спасовски: Гол полулизам е барањето на Чулев за 15 илјади денари награда за полицијата
„Министерот за внатрешни работи понуди 88 милиони денари да врати во буџетот за други потреби бидејќи не му требале во МВР. Тоа доволно говори за фактот колку е сериозен во намерите“, изјави Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за барањето на Чулев за припадниците на МВР и колку тоа кореспондира со наградите што ги добиваат здравствените работници.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Во последните 24 часа регистрирани се 23 нови случаи на заболени од КОВИД-19: Скопје – 12, Куманово – 4, Тетово – 4, Прилеп – 2, Неготино – 1. Во ГОБ „8 септември“ утрово почина 47 годишен пациент од Тетово со хронични заболувања, примен вчера со симптоми на ковид, а потврден позитивен денеска. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 9 оздравени пациенти: Скопје 3, Прилеп 1, Струга 1, Велес 3 и Кочани 1.
*
Сто и три припадници на полицијата се ставени во изолација, а 14 од нив се позитивни на КОВДИ-19, потврдија за МИА од МВР. Засега не се знае како дошло до нивно заразување. Во изолација се ставени полицајци од Скопје, Тетово, но и од други градови
*
Металното здравје е важно посебно во време на актуелната пандемија со КОВИД-19. На подолг рок, луѓето кои биле заразени или имале симптоми на болеста со КОВИД-19, можат да бидат изложени на ризик од ментални заболувања, како што се депресија, вознемиреност, замор и посттрауматско стресно растројство и по завршување на лекувањето, велат од Универзитетската клиника за психијатрија по повод Светската недела за подгинување на свесноста за ментално здравје.
*
„Уште е рано за отворање на границите кај нас. Сметам дека треба да помине уште еден период во кој ќе ги имплементираме нашите мерки на олабавување. Потребен е координиран пристап со сите соседни земји да се направи заедничка стратегија за отворање на границите“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали властите разгледуваат отворање на нашите граници, со оглед дека сите соседи најавија отворање.
*
Во текот на изминатото деноноќие евидентирано е дека на ниво на целата држава 46 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 41 лице, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. По однос на мерката за не носење лична заштита на лице регистрирани се 113 прекршоци, од кои на 85 лица им се издадени решенија за изолација, а 18 лица потпишале изјави за самоизолација, соопшти МВР.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Донација од 85 неинвазивни респиратори наменети за инфективните одделенија во болниците во државата денеска предадоа неколку домашни општествено одговорни компании на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Министерот за здравство, по примпредавањето, изрази голема благодарност до компаниите Мега, Голден арт, Акустик и Гримак за многу значајната донација за нашиот јавно здравствен систем, особено што имаме заболени пациенти со ковид на кои им е потребна респираторна поддршка.
*
Министерството за внатрешни работи, категорично ги отфрли како паушални и неточни изнесените тврдења во денешната реакција на Исламската верска заедница околу наводен полициски притисок врз претставниците на оваа верска заедница, а по повод чествувањето на претстојниот верски празник Фитр Бајрам, соопштија од МВР.
*
Македонскиот полициски синдикат бара од министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, да обезбеди парични средства за исплата на награда од најмалку 25.000 денари за сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Како што велат од Синдикатот донесената Уредба со законска сила со која на секој вработен во МВР му се исплаќа награда од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка.
*
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со вицепремиерот за европски прашања и национален координатор за странска помош во земјава, Бујар Османи денеска од бугарскиот амбасадор, Ангел Ангелов примија донација од заштитна медицинска опрема за поддршка во справувањето со КОВИД – 19, а наменета за јавното здравство како и за припадниците на Воено медицинскиот центар во Армијата на Република Северна Македонија.
*
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави оти нацртот за преговарачката рамка со ЕУ се очекува да го добиеме во јуни, додека од Брисел биле информирани дека новиот пакет за проширување, односно Годишниот извештај што се очекуваше во јуни, ќе се одложи за септември.
*
Мајките кои се на породилно отсуство треба да бидат спокојни – се додека траат времените мерки тие не мора да се вратат на работа. За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи, во која е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од корона вирусот.
*
Вкупно 69 компании од пристигнатите 188 апликации ќе добијат финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој.
*
УКИМ го одбележа Денот на просветителите Светите Кирил и Методиј без традиционалниот молебен, без наградување на најдобрите студенти, без промовирање почесни звања и титули, без свечена академија, концерти или други уметнички перформанси. Делегации од Владата и Кабинетот на претседателот положија цвеќе пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Нема датум за избори – освен во некој тринаесетти месец во кинеската година на мајмуните – на кој, со ваков однос кон епидемијата, опозицијата може да дојде на власт во земјава. Тоа нема да биде прашање на политички симпатии кај граѓаните, туку резултат на чистиот здрав разум и природниот нагон за опстанок кај гласачите“, вели Сашо Орданоски во колумната „ Здравствено „велепредавство“?“
„Две белешки за верско-политичкиот блуд“, рафално од Џабир Дерала кои го таргетираат и прашањето: Ќе ја искористат ли националистите (од двете страни) корона кризата и рамазанскиот карантин да предизвикаат етно-верски тензии за да го поправат својот предизборен рејтинг?
Б. Јордановска
во соработка со Ангела Петровска