Осум медицински лица и двајца пациенти од Институт за физикална медицина и рехабилитација во Скопје се позитивни на коронавирусот. Во Институтот се тестирани 46 вработени и шест пациенти. Примероците се земени на 26, 27 и 28 март. Во текот на денешниот ден се тестирани уште 16 пациенти кои во моментов се се уште хоспитализирани во Заводот.
*
Министерството за внатрешни работи утре ќе поднесе кривична пријава против против едно лице, кое и покрај изјавата дека ќе биде во самоизолација, се сретнал со многу луѓе и ги заразил со коронавирусот Ковид-19.
*
Основните јавни обвинителствата до овој момент повеле постапки и донеле одлуки за 179 лица кои не постапиле согласно здравствените прописи за време на епидемија, информираат од Службата за односи со јавноста на републичкото Јавно обвинителство.
*
Добро е што бројката на дијагностицирани пациенти останува иста без разлика на тоа што од почетокот досега бројот на тестови се зголемува, порача министерот за здравство Венко Филипче.
*
Пикот на коронавирусот во државава го очекуваме за еден месец, на крајот на април. Тоа се проценките на епидемиолозите согласно типот на раст на број на пациенти, но и согласно мерките што беа воведени во изминатиот период, пред се во рестрикциите на движење, во ограничувањето на социјалните контакти, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
*
Владата на својата денешна седница разгледа и донесе Протоколот за влез во Република Северна Македонија на странски дипломати акредитирани во земјата и членовите на нивните семејства, со кој се предвидува дека начелно тие не треба да бидат изземени од мерката задолжителен карантин.
*
Владата на денешната 31. седница го разгледа барањето на Министерството за труд и социјална политика и донесе заклучок со која се задолжуваат сите органи на државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, вработените лица во овие институции кои одат на работа со придружба – целосно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со тешка или умерена интелектуална попреченост, да бидат ослободени од одење на работа и извршување на работните активности.
*
На денешната 31 седница на Владата на Република Северна Македонија министерите ја активираа комуникација со Евро-атлантскиот Центар за координиран одговор во случаи на катастрофи на НАТО. Донесени се отстапки за сопствениците на домашни миленици, а од ЕУ се побара пренамена на расположливите ИПА средства за справување со кризата. Владата одлучи по потреба да ги користи и ученичките и студентските домови за превенција од ширење на коронавирусот.
*
Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски утре седница ќе се одржи Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
А. Петровска