СМРТ ВО ЗАТВОР Во притворот во Шутка почина момче на 23 годишна возраст во 14:30 часот. Еден час по настанот, ЦИВИЛ доби анонимна пријава за настанот. Директорот на КПУ Затвор – Скопје, Есад Рахиќ, во изјава за ЦИВИЛ Медиа ја потврди оваа информација: „Се работи за момче на 23 годишна возраст, кое е во притвор од декември минатата година“. Тој демантираше дека притвореникот бил во карантин изминатите неколку дена, а повеќе детали најави по истрагата која се спроведува во моментов, но и обдукцијата на починатото лице, кое било зависник од дроги и не покажувало знаци на КОВИД-19.
ПРИЧЕСТ Владата нема намера да ги затвори храмовите за време на велигденските празници, повикувајќи се на неприкосновеното право за религиско определување, но истовремено има намера да ги затвори граѓаните во своите домови воведувајќи полициски час кој ќе трае 85 часа, откако оние со право на вероисповед ќе ги посетат храмовите примајќи ја светата причест од една иста лажичка.
КАПАЦИТЕТИ Директорот на Градската општа болница, Христијан Костов во гостување во емисијата Топ тема на ТВ Телма рече дека е извршена реорганизација во болницата и дека капацитетот се проширува согласно бројот на пациенти кои ќе се јават во Тријажниот центар,а кои доаѓаат од целата држава. „Почнавме со една третина, а сега околу 70 отсто од капацитетот на болницата е во служба на оваа болест“, изјави Костов.
НАТО Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска попладнево учествуваше на телеконференцискиот состанок на министрите за одбрана на НАТО земјите посветен на борбата против Ковид-19, на кој биле изнесени гледиштата и ставовите на земјите во поглед на ширењето на заразата и мерките за помош на цивилните власти во намалувањето на последиците од нејзиното ширење.
ЛИДЕР Со досега направените 10.000 тестирања на Ковид-19, земјава е лидер на Балканот. Пред нас е само Словенија, вели директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери. Во вечерашното гостување на Топ тема, Зибери истакна дека ќе биде потребна потемелна студија за да се докаже дали првиот случај на корона вирусот сме го имале уште во јануари, многу пред почетокот на пандемијата.
ДОЗВОЛИ Активистите за бездомни животни, кои се дел од регистирани здруженија, ќе добиваат дозвола два часа дневно во услови на ограничено движење за време на претстојниот продолжен викенд да можат да ги нахранат и да се грижат за бездомните животни, одлучи денеска Кризниот штаб, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.
СЗО Специјалниот пратеник на Светската здравствена организација за вирусот Ковид-19 Дејвид Набаро повика какви било обвинувања против организацијата да се остават на страна додека не се победи вирусот. Претходно американскиот претседател Доналд Трамп рече дека и наредил на својата администрација привремено да го прекине финансирањето на СЗО.
Маја Ивановска
во соработка со Ангела Петровска