ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД-19 Протоколот за лекување со крвна плазма е изготвен, но засега кај ниту еден пациент не е препорачан овој вид на лекување, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
СКРИНИНГ Во тек е скринингот за имунитетот на населението Дебар и Центар Жупа, двете општини кои беа првото жариште на корона вирусот во земјава. Според информациите од 14 матични лекари, направени се околу 1.300 тестови, а се врши тестирање и со домашни посети.
МојДДВ Владата донесе Уредбата со која се утврдува можност за донирање на остварениот поврат од данокот може да се донира за справување со последиците предизвикани од корона вирусот.
КУМАНОВО Кризниот штаб во Куманово излез со апел за координација меѓу политичките партии и невладините организации при дистрибуцијата на помошта, а од Општината побара да подготви промотивен материјал со препораки за граѓаните и нивна едукација за мерките за заштита од ширење на корона вирусот.
ИНИЦИЈАТИВА Во Канцеларијата на претседателот Пендаровски, „Млади Хаб“, беа подготвени и испорачани првите пакети наменети за граѓаните кои се најмногу погодени од епидемијата на корона вирусот, со што започна проектот „Волонтираме за солидарно општество“.
ЕДУКАЦИЈА Дигиталните вештини се нужност и се исто толку важни како што е важно читањето, пишувањето, зборување и разбирањето. Ова е еден од заклучоците на онлајн дебатата „Дигиталната писменост – неопходни вештини за онлајн настава“ што ја организираа Институтот за комуникациски студии и Делегацијата на Европската комисија во земјава како завршен настан од средношколскиот конкурс „Биди медиумски активен/-на“, со кој се одбележа Европската недела на медиумска писменост 2020.
ИГРИ НА СРЕЌА Економските оператори што организираат игри на среќа ќе можат преку интернет да ја продолжат својата дејност, со што се создаваат услови да се сочуваат 7.500 работни места.
ПОЕЗИЈА И МУЗИКА „Струшки вечери на поезијата“ е дел од „Фестивалот на надежта“- глобална виртуелна поетска иницијатива во организација на „Версополис“, платформа што обединува 30 европски меѓународни поетски фестивали и којашто е поддржана од Европската Комисија со грант за поголема мобилност на младите европски поети.
Б. Јордановска