ОБРАЗОВАНИЕ На високообразовните установи, покрај веќе утврдените услови, ќе можат да се запишат и учениците од завршните години од учебната 2019/2020 година со дипломата од завршено средно образование, објави министерот за образование и наука Арбер Адеми.
*
ЗДРАВСТВО Нови девет лекари и 12 медицински сестри од денеска почнуваат со работа во Општата болница Куманово, информираат надлежните од јавната здравствена установа. Поголем дел од нив ќе дежураат во Ургентниот центар, една лекарка ќе биде ангажирана на Инфективното одделение и една на Одделението за физикална терапија.
*
ЗЕЛЕНИ Владата на денешната седница ги усвои иницијативите за заштита на Шар Планина и Осоговските Планини. Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), согласно законската процедура за прогласување заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и со сите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации.
*
ИЗБОРИ Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден дека кога и да се одржат изборите неговата партија ќе победи, но не би сакале сега да одат на избори затоа што се сменети околностите и потребно им е повеќе време за нова програма. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев пак смета дека треба да се искористи моментот затоа што државата предолго е без Собрание и политичка влада. На сличен став е министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој смета дека доколку епидемиолозите и експертската јавност оценат дека е возможно да се одржат избори, тогаш треба да се оди на избори.
*
ДИПЛОМАТИЈА Шефот на дипломатијата Никола Димитров во врска со барањата од бугарската страна во Преговарачката рамка да нема македонски јазик и македонско малцинство вели дека невозможно е да се гради пријателство, ако го предизвикувате идентитетот на соседот. Министерот рече и дека јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави и оти во 21 век, особено во Европа, не може да се негира правото на самоопределување и самоизразување.