ИЗБОРИ Ако СДСМ одлучи да оди на избори во јуни, нека и е со среќа, рече попладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски без да прецизира дали во таков случај неговата партија ќе учествува на изборите. Ако има таков експерт што може да каже дека во август ќе нема заболени од коронавирусот, јас ќе бидам првата што ќе рече да има одлагање и изборите да се одржат тогаш, рече вечерва потпретседателката на СДСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
ПРЕГОВОРИ Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, попладнево пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент потврди дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан се одлагаат за септември, но не и преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
МЕДИУМИ Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува етикетирањето на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети кон новинарот на онлајн медиумот „In7.tv“, Албрим Хоџа. По вчерашната лидерска средба, Ахмети даде изјава за медиумите и по новинарското прашање на Хоџа, тој го обвини новинарот дека бил „вегетосан“.
ДОНАЦИЈА На Скопскиот аеродром денеска пристигна донација од Катар за справување на земјава со КОВИД-19. Донацијата е осум тони заштитна опрема која се состои од близу 500.000 хируршки маски, околу 90 илјади трослојни медицински и хируршки маски, над 70 илјади заштитни маски N95. Покрај маските, пакетот содржи и десетици илјади заштитни очила, заштитни шлемови, заштитни скафандери, заштитни ракавици…
ПОЛИЦИСКИ ЧАС Комисијата за заразни болести утре ќе расправа за траењето на полицискиот час за време на викендот и празниците во понеделник, како и за отворањето на угостителските објекти, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.