ИЗБОРИ Владата на Република Северна Македонија на денешната 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. Исто така МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба.
Уредбата определува дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
На седницата на Владата единствен кој гласаше против оваа уредба беше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Доколку вонредната состојба не биде продолжена по нејзиното истекување, согласно оваа одлука изборите ќе се одржат на 5 јули.
*
ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ Во недела, за време на полициски час дваесетина припадници на интервентната полиција при нивната интервенција употребиле физичка сила врз бездомниците кои живеат под Железничка станица во Скопје. Бездомиците за ЦИВИЛ Медиа раскажаа дека еден бездомник кој не живее во тоа маало, дошол пијан кај нив и побара да му пуштат музика, за што реагираа жителите од околните згради.
„Кога дојде полицијата побараа да се изгасне музиката и ние веднаш ја изгаснавме, но лицето Харун, (кој инаку е познат на полицијата бидејќи често знае да прави проблеми и инциденти), почна да се расправа со полицајците и тие повикаа појачување. За неколку минути дојдоа околу 20 алфи, со пет-шест возила и без да прашат што се случува веднаш почнаа да нè удираат. Не бираа дали маваат мажи, жени, стари или деца“, вели бездомничката Сузана Демир, која се пожали дека има модринки на рацете од тепањето.
Oд МВР за ЦИВИЛ Медиа велат дека полициски службеници од Полициската станица Аеродром, биле преземени мерки и активности по пријава од граѓанин за констатирани прекршувања на полициски час од група на граѓани кои биле собрани на јавно место и го нарушиле јавниот ред и мир со пушање гласна музика. Потоа пет лица, најпрво дрско се однесувале кон полициските службеници по што физички ги нападнале, а едно од нив фрлило со камен кон полициското комбе.
Дехран Муратов