На пошироката територија на Скопје заболени со корона вирус има пријавено во десет општини и тоа во Карпош – 27, во Гази Баба, Кисела Вода и Центар по 20, Ѓорче Петров -11, Аеродром – 8, Сопиште – 7, Бутел – 4, Чаир – 3 и Илинден – 2, информираат од Институтот за јавно здравје.
*
Средства за заштита има доволно. Имавме доволно количина и на маски и на раквици и на заштитна опрема и ги имаме и сега. Факт е дека тие маски, таа заштитна опрема мора да се употребува според правилата, според алгоритмите коишто ние ги имаме, информираше вечерва премиерот Опивер Спасовски во интервју за Канал 5 телевизија, прашан за тоа дека се пишувало дека недостасува заштитна опрема.
*
Министерството за надворешни работи информира дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство на Република Северна Македонија, вечерва е организирано враќање во земјата на 169 македонски граѓани од Загреб.
*
НАТО командниот систем за управување со кризи – НИЦС, кој нашата земја целосно го имплементира во 2019 година, овозможува брзо и ефикасно координирање на активностите на сите институции во рамки на националниот одговор на кризата со Ковид-19. За потребите на јавноста, со информации и совети за корона вирусот во реално време достапна е и посебна веб страница.
*
Нека ни е честито. Денеска влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Го чекавме, се надевавме, работевме и се жртвувавме. На моменти мислевме дека оваа цел ќе ни остане недостижна. Меѓутоа, покажавме дека кога сакаш, можеш и невозможното да го направиш достижно, порача Шекеринска.
*
Република Северна Македонија и официјално е новата, 30-та членка на НАТО. 27 март се запишува со златни букви во нашата историја. Ја остваривме првата од двете стратешки цели, објави на својот фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски, по депонирањето на инструментот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
*
Ова е историски момент кој им припаѓа на сите граѓани на нашата земја и на плејадата политичари и визионери, кои макотрпно во текот на изминатите три децении работеа да се оствари идејата за побезбедна и попросперитетна татковина, изјави попладнево министерот за надворешни работи Никола Димиторв, откако нашата Амбасада во Вашингтон во Стејт Департментот го депонираше инструментот за пристапување кон НАТО, со што од денеска Северна Македонија и официјално стана 30-та членка на Алијансата.
*
Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 30. седница на која како прва точка го разгледа и усвои записникот од Дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19, одржан на 27 март 2020 година.
*
Владата попладнево соопшти дека за време на полицискиот час што утре и задутре (сабота и недела) ќе почнува од 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот следното утро, производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот на Главниот координативен кризен штаб, работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа.
А. Петровска
ДНЕВНИК во 17 часот: