ВЕСТ НА ДЕНОТ: Сè поизвесен почетокот на преговорите со Европската Унија
„ЕУ одлучува да започне преговори со Северна Македонија и Албанија“, јави дописничката на МИА од Брисел.
Текстот на заклучоците, кои можат да претрпат мали промени по министерскиот состанок кој ќе се одржи утре, гласи: „откако го разгледа извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија од 2 март 2020, Советот го поздравува тоа што земјата покажа одлучност во напредокот на ЕУ агендата и испорача опипливи и одржливи резултати“.
„Со оглед на остварениот напредок и исполнувањето на условите поставени едногласно од Советот во јуни 2018, Советот одлучува да отвори преговори со Република Северна Македонија“, се вели во текстот.
Одлуката треба да биде политички потврдена на Европскиот Совет в четврток. Нацрт заклучокот предвидува првата Меѓувладина конференција да се одржи “што е можно поскоро“, без конкретен датум засега.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Шидер: Имате огромен напредок, оптимист сум дека преговорите ќе започнат
Андреас Шидер е австриски политичар, социјалдемократ, член на Европскиот парламент од 2019 година. Лидер на парламентарната група на австриските социјалдемократи во Националниот совет. Државен секретар во Министерството за финансии од 2008 до 2013, во владата на канцеларот Вернер Фајман.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ДЕН 5
Во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата, и тоа 15 во Скопје, 4 во Дебар, 2 во Куманово и 1 во Охрид.
*
Регистриран вториот смртен случај од КОВИД-19 во земјата. Се работи за 63 годишен пациент кој синоќа починал на Инфективната клиника откако дошло до нагло влошување на здравствената состојба.
*
Од денеска почнуваат да функционираат вкупно 14 пунктови за земање материјали и брисеви за тестирање за коронавирус на територијата на целата држава. Во Скопје пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките во Ченто и „Јане Сандански“. Сите пунктови се објавени на веб страницата на Мој Термин.
*
Формирани се мобилни тимови на Црвениот крст чија задача е да вршат неопходна набавка на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена за лицата во самоизолација и да им ги достават до домовите. Мобилните тимови се составени од лица од тимовите за одговор при катастрофи и обучени лица за давање основна медицинска помош.
*
Првата ноќ воведувањето на полициски час на територијата на целата држава помина мирно. Осумнаесет лица се лишени од слобода, а 74 лица се опоменати. Од слобода се лишени пет лица во Тетово, две во Гостивар, две во Куманово (најдено и огнено оружје), две во Радовиш, едно во Штип и 6 во Кочани.
*
Капацитетот на инфективната клиника е пополнет 25% (110 кревети), Воената болница е спремна за примање пациенти, со 400 кревети. И во болницата 8 Септември има отворен капацитет, којшто е целосно изолиран од останатиот дел.
*
Пикот заболени од корона вирусот во државата се очекува да биде 2.000 до крајот на април. Првичната проценка е 2% смртност, но поради недоволното познавање на болеста може тој процент да биде повисок.
*
Мерката која ги ослободува од работа родителите на деца под 10 години и која трае заклучно со денеска ќе се продолжи, брифираат владини извори.
Оттаму велат дека многу е веројатно дека ќе се продолжи и вонредната состојба во земјата која ќе трае се додека има зголемување на бројот на заболени.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Датумот за Парламентарните избори 2020 ќе биде одреден по завршување на вонредбата состојба и уредбата со законски сила, што тогаш треба да ја донесе техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски.
*
Државната изборна комисија (ДИК) вчера донесе заклучок за запирање на дејствијата за предвремените парламентарни избори што требаше да се одржат на 12 април, постапувајќи по Уредбата со законска сила што ден претходно ја донесе Владата на Република Северна Македонија.
*
Судењето за случајот Рекет е одложено за 26 март поради здравствената состојба на обвинетата Катица Јанева, која, согласно мерките и препораките од Владата за заштита и превенција од КОВИД-19, спаѓа во ризична група.
*
Барањата на одбраната за одложување на случајот „Рекет“ судот ги разбира единствено како начин за одолговлекување на постапката, имајќи во предвид дека се работи за притворски предмет и дека се исполнети сите услови – односно, судницата редовно се дезинфицира, има доволно простор и одалеченост меѓу странките и задолжително се носат медицински маски и стерилни ракавици, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Моја претпоставка е – како експерт за менталитет, а не за медицински алгоритми – дека ние ќе ја надминеме и песимистичката прогноза и дека ќе имаме повеќе илјади заразени од можноста за нивно адекватно лекување. Тоа е така бидејќи, и без големо теоретизирање, на сите ни е јасно зошто во Данска или во Норвешка, на пример, нема ни потреба за воведување полициски час; а во Шпанија, Италија, Србија или Македонија ни војската на улици не е гаранција дека ќе се почитуваат сите препораки на надлежните… Додека не биде предоцна, како во Италија. И многу откако ќе престане надвор да врне“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна –
Умерен оптимист во песимистичко сценарио.
За
смртоносната зараза од лажни вести, Џабир Дерала пишува: „Не е наша задача да ловиме заразени. Тоа не е и не смее да биде ничија задача. Од лов на заразени до идентификување на потенцијални жаришта и откривање нови случаи има огромна разлика. И што е најважно, тоа е задача на системот. Наша задача е да се бориме против паниката и стигмата“.
Маја Ивановска