Нови разрешувања во СДСМ
Премиерот Зоран Заев, по синоќешната седница на централниот одбор на СДСМ, истакна дека уште најмалку тројца министри ќе бидат сменети и неколку директори на јавни претпријатија.
„Ќе бидат повеќе министри. Бројката не ја кажувам. Имајќи во предвид дека досега се променети шест министри, култура, правда, образование, и тројца без ресор, јас сум блиску до вкупната бројка од една третина, што значи, ќе одиме со избор на Влада. Ова значи дека ќе има повеќе од тројца министри. Кога ќе ги донесеме одлуките за новите, ќе ги кажеме и кои се министрите кои ги разрешуваме, рече премиерот Заев.
Министер повеќе нема да биде и Љупчо Николовски кој е поставен за нов генерален секретар на СДСМ, на местото на разрешениот Александар Кирацовски, а Заев им се заблагодарил и на организациониот секретар Миле Зечевиќ, и на Дане Талевски за меѓународни работи. Лидерот на СДСМ рече дека на претседателските избори граѓаните им испратиле кристално чиста порака.
Разрешени се: Александар Кирацовски, сите шест потпреседатели на СДСМ – Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири и Благој Бочварски, потоа координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, Миле Зечевиќ како и целиот Извршен одбор.
Реакции по „метлата“ на Заев
По синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, денеска пристигнаа реакции на дел од разрешените:
Кирацовски: Како поединци, не сме воопшто битни
„Нашите функции и кариери се помали од нашиот интегритет и подготвеноста да се ставиме во функција на вишите, заеднички цели“, стои во реакцијата на Кирацовски. Понатаму, тој му се заблагодари на премиерот Зоран Заев за укажаната доверба, но и на семејството за кое истакна дека во изминатиот период поминало низ многу тешки и неправедни моменти поради неговата функција.
Николовски: Ќе работиме со силна контрола
Досегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, отсега ќе ја извршува функцијата генерален секретар на партијата, на местото на Кирацовски.
„Ќе работиме пред сѐ на силна контрола за тоа како се реализира нашата програма, програмата на СДСМ и нашите ветувања кои беа дел од нашите кампањи“, рече Николовски и најави дека деноноќно ќе работи на изградба на еден систем на отчетност и чесност и на одговорност и на посветеност сѐ во функција на реализација на ветувањата.
Шилегов: Во политиката ништо не е вечно
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека во политиката ништо не е вечно и како дошле, така ќе си заминат. Тој исто така изјави дека ако добро ги следат луѓето, политиките кои ги креирал и стратегиите коишто ги креирал во изминатава една и пол година, од како е градоначалник, ќе видат и ќе знаат што сѐ Градот работи на изминатава година.
Спасовски: Премиерот Заев е во право
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, денеска изјави дека премиерот Зоран Заев е во право што ги ослободил од обврските сите потпретседатели на владеачката СДСМ, како и генералниот секретар и други функционери. Според Спасовски, кој и самиот е меѓу разрешените, вели дека никој не се противел на одлуката, но не одговори дали повторно ќе конкурира за реизбор на истата функција.
Ременски: Мојата борба не започна со партиски или политички функции, нема ни да заврши без нив
„Донесените одлики се донесени, без грам суета, туку одлучно како што личи на луѓе со интегритет и визија за очекувањата! Доаѓа време за испорака на мотото за кое се боревме и во кое веруваме сите ние, дека: ‘Одговорност мора да има’ и ‘Никогаш да не се повтори’. Му благодарам на претседателот и заменикот претседател на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шеќеринска за довербата. Борбата продолжува!“, напиша Фросина Ременски.
Лажни потпароли проневериле 12.000 евра за кампања на претседателските избори
СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Б.Н.(37) и Т.П.(58), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,измама“.
Првопријавениот Б.Н., во договор со второпријавениот Т.П., во април и мај 2019 година, соопшти денеска МВР, во неколку наврати побарале и примиле парични средства во вкупен износ од 750.000 денари од раководно лице во приватна фирма. Тие го измамиле односно лажно го информирале дека паричните средства кои ги побарале ќе бидат искористени како донација за финансирање на изборната кампања на една политичка партија за претседателските избори 2019 година.
ЦИВИЛ: Станете потенцијален добитник на една од наградите за граѓанско новинарство
ЦИВИЛ ги повика сите заинтересирани да учествуваат во проектот #ГраѓанскиОбјектив и да станат дел од големото семејство на граѓански новинарки и новинари ширум светот кои со своите прилози го менуваат општеството. Со секое објавено видео или фотографија на темите: кршење на човековите права и слободи, злоупотреба, неправда, корупција, говор на омраза и лажни вести, граѓаните придонесуваат кон поодговорни и потранспарентни институции.
Кога се работи за ЦИВИЛ, освен што имаат простор за објавување без цензура, граѓанските новинар(к)и воедно, стануваат потенцијални добитници на една од петте вредни награди за граѓанско новинарство, кои ЦИВИЛ ги доделува секои два месеци. Учеството може да биде и анонимно.
„Следното доделување на наградите е на 30 мај (четврток) во Менада во Старата чаршија. Краен рок за испраќање прилози со фото или видео сторија е до 19 мај (среда), 17 часот. Прилозите пристигнати по тој датум ќе бидат земени предвид за награда во последниот циклус награди за оваа година. Затоа, побрзајте!“ – соопштува тимот за имплементација на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ.
#ЗеленаИднина
Смилев: Нема економски и социјален прогрес без еколошки прогрес
„Додека постои светот и векот, национализмот ќе биде составен дел на човештвото, за жал“, смета познатиот велешки активист Игор Смилев.
Смилев смета дека иако можеби не е толку видлив како во некои други градови во земјата, национализмот во Велес, сепак постои. Тој додава дека токму таквиот латентен национализам е многу поопасен.
Во однос на екологијата и состојбата со Велес, Смилев е дециден дека Министерството за животна средина е последното министерство коешто не се сфаќа сериозно и дека министрите за животна средина се политичка награда на сите политички гарнитури досега, отколку што реално и суштински ја владеат животната средина.
„Нема ниту еден саниметар економски и социјален прогрес, ако нема еколошки прогрес. Велес живее еден тажен социјален момент, но на сметка на тоа го имаме еколошкиот момент којшто е за неколку класи понапред од другите. Тоа е основа за да се надеваме дека Велес еден убав сончев ден ќе биде економски просперитетен град, затоа што екологијата, економијата и социјалниот развој се свето тројство“, смета Смилев.
М. И.