ВЕСТ НА ДЕНОТ: Спасовски: Компромис со Уставот нема, изборите треба да се одржат 60 дена од распуштање на Собранието
Компромис со Уставот нема. Уставот е јасен дека во рок од 60 дена од распуштање на Собранието треба да се одржат парламентарните избори, рече денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Карбинци.
„Ако имаме потреба врз основа на анализите дека треба да се прогласи вонредна состојба уште некој ден за справување со економските последици, тоа ќе го направиме, и кога ќе заврши вонредната состојба, по 22 дена ќе се одржат изборите“, истакна Спасовски.
Според него, Владата до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе има прогласување нова. трета. вонредна состојба која, како што рече, е потребна пред сé за спроведување на економските мерки.
„Јас очекувам дека сите ќе бидат доволно разумни, политички мудри да разберат дека овие парламентарни избори треба да се одржат во моменти кога тоа е можно и врз основа на Уставот и законот и врз основа на оваа здравствена криза“, потенцира Спасовски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Чулев за ЦИВИЛ Медиа: Не трпам притисок од Мицкоски, не знам која истрага била отфрлена од ЈО, ќе се разгледа поканата на ЦИВИЛ за дуел со Славјанка Петровска
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не знае која од истрагите што самиот ги најави ја отфрлило Обвинителството. На прашањето дали е точно дека Јавното обвинителство веќе отфрлило како неоснована една пријава од истрагите кои ги најави во интервјуто на ТВ 21 на 27 мај и дали може да даде повеќе детали за тоа, Чулев не знаеше за каква истрага се работи.
„Јас не знам за каква истрага се работи и која истрага ја отфрлило обвинителството. Доколку почитуваниот Џабир Дерала ни даде конкретни сознанија, за конкретна истрага може да му дадеме детален одговор“, изјави Чулев.
На прашањето дали е точно дека упорно ги одбива поканите од телевизиите за дуел со заменичката Славјанка Петровска, и зошто, и дали можеби би прифатиле дебата со заменичката Петровска, организирана од ЦИВИЛ, на која би бил овозможен пристап и на други заинтересирани медиуми, Чулев одговори:
„Работата во МВР е исклучително комплексна и динамична. Изминатиот период имавме исклучително голем обем на работни активности. Јас, генерално, секогаш позитивно одговарам на барањата на медиумите за изјава, за интервју или за став. Во зависност од расположливите можности ќе ја разгледаме поканата за дуел и во наредниот период може да се организира. Дали од ЦИВИЛ или од некоја друга телевизиска куќа“.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Нови 38 заразени, 16 оздравени и двајца починати пациенти од КОВИД-19 регистрирал Институтот за јавно здравје во минатите 24 часа, информираше Министерството за зравство. Оздравени пациенти се регистрирани во: Скопје-1, Куманово-1, Прилеп-4, Велес-9, Битола-1.
Починале двајца пациенти од Тетово. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 74 годишен пациент, лекуван на клиниката од 21 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент на возраст од 57 години, хоспитализиран на 23 мај.
Во Институтот, од болницата Ремедика, за анализа е пристигнат постмортем брис на пациент од Скопје (53) и истиот е позитивен на КОВИД-19.
Во последните 24 часа направени се 560 тестирања, а регистрирани се 38 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-24, Куманово-4, Штип-4, Тетово-3, Битола-1, Неготино-2.
*
Во соопштение испратено до јавноста Фармацевтската комора известува дека почина првиот здравствен работник во Македонија од корона вирус.
„Фармацевтската комора на Македонија со огромна болка и така соопштува дека на 27-ми март згасна животот на нашиот почитуван колега дипломиран фармацевт Петар Мојсоски од с. Подгорци, Струга.“, стои во известувањето.
*
Основниот кривичен суд – Скопје осудил 723 лица по казнени налози издавани од скопското Обвинителство за непочитување на полицискиот час, кој траеше до 26 мај како превентивна мерка за заштита од КОВИД-19, информираат за МИА од скопскиот суд.
Основното јавно обвинителство – Скопје до нив доставило 621 казнени налог против 751 лице. За донесените пресуди поднесени се приговори во 72 предмети од 102 лица и за нив се закажани расправи. Од досега сработенотo во Кривичен суд Скопје, седум предмети се правосилни, за осум обвинети.
*
Во текот на изминатото деноноќие на 70 лица им се издадени решенија за изолација, а 62 потпишале изјави за самоизолација. Како што информира МВР, полициски службеници извршиле контроли кај лица во изолација и самоизолација, при што се евидентирани две кои не ја почитувале мерката. За неносење заштита на лице регистриран е 461 прекршок.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Нашата татковина има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме новиот бран на коронавирусот наесен целосно подготвени, објави денеска на Фејсбук лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„На граѓаните и на државата им требаат институции со целосен легитимитет за да создадат услови за новата нормалност, со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија“, наведува Заев во објавата, проследена со видео обраќање.
*
Час поскоро и пред почетокот на летните месеци да ги организираме изборите кои треба да овозможат функционирање на државата и институциите со целосен капацитет, порача денеска министерката за одбрана и потпретседател на СДСМ, Радмила Шекеринска.
„Мојот став е дека избори треба да организираме час поскоро затоа што ни треба држава и институции со полн капацитет за да им помогнеме на фирмите да преживеат, да им помогнеме на граѓаните кои ќе бидат во потешка социјална и економска ситуација, ни требаат закони, ни требаат пари и од странство, а за сите тие работи ни треба функционално Собрание. Мојот став е час поскоро и дефинитивно пред почетокот на летните месеци треба да ги организираме изборите“, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кичево.
*
„Мислам дека разликите помеѓу политичките партии вклучувајќи ги и најекстремните позиции по однос на датумот за избори, не се разликуваат повеќе од десет -петнаесет дена. Така што сметам дека не се ненадминливи разлики и ако деновиве продолжи интензивната комуникација меѓу партиите, како што и се случува мислам дека може да се сретнеме некаде околу 5 јули“, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.
*
„Како што е пропишано во законот, така и треба да се одвиваат сите постапки и истраги“, посочи премиерот Оливер Спасовски по денешното тврдење на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев дека неотстранувањето на посредничката улога на Агенцијата за национална безбедност при следењето на комуникациите, говори дека реформите во безбедносните служби се само замајување на јавноста.
Спасовски смета дека ситуацијата во однос со следењето на комуникација е сосема јасна:
„Агенцијата за национална безбедност има право на следење на комуникации, кои се однесуваат на заштита на уставниот поредок на Република Северна Македонија и заштита од висока корупција и криминал, додека истражните постапки ги водат органите кои се надлежни за водење на истражна постапка, а тоа е Бирото за јавна безбедност, тука е Царинската управа, тука е финансиската полиција.“
*
Советот за безбедност в сабота напладне во претседателската вила Водно ќе одлучува за евентуалното продолжување на вонредната состојба, потврдија за МИА од Кабинетот на шефот на државата.
Сабота е ден кога истекува третата, двонеделната, вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.
Пендаровски ќе го свика Советот без оглед дали ќе има ново барање од Владата за продолжување на вонредната состојба.
*
Откако беа затворени на 13 март поради состојбата со коронавирусот, кафулињата и рестораните од денеска повторно почнуваат со работа. Отворени за гости ќе бидат само оние угостители кои располагаат со тераси, а на секоја маса ќе може да седат по максимум четири лица.
Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана предвидува дека работното време е ограничено од 8 часот до 22 часот. Поконкретно, ќе работат само отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.