Пристапни преговори за Северна Македонија во ЕУ
Еврокомесарот Јоханес Хан денеска соопшти дека Европската комисија му препорача на Советот на министри да отпочне пристапни преговори со Албанија и со Северна Македонија. Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пак на денешната прес-конференција во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, изјави дека не се работи само за вообичаен извештај за напредокот, туку и извештај за исполнетите услови поставени од државите членки на ЕУ во јуни лани.
Федерика Могерини за време на прес-конференцијата по објавување на извештаите за напредок на земјите од западен Балкан, нагласи дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ. Она што следува, според Могерини, е ЕУ да го исполни својот дел.
„Тие го сработија своето и сега ЕУ треба да го исполни својот дел. Дискусиите сега се во земјите – членки, дали тие се подготвени за отпочнување на преговорит. Тоа е комплициран процес“, рече Могерини.
Попис
По усвојувањето на предлог-законот за попис со кој е предвидено идната година од 1 до 21 април со буџет од 8 ипол милиони евра да се попишат граѓаните, домаќинствата и становите, на владина седница, Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика изјави дека се предвидува државата да биде поделена на 45 пописни реони, а во целата операција да учествуваат 6.000 попишувачи. Пописот ќе се реализира по високи стандарди што ги налага Евростат, при што ќе се избегнат сите можности за злоупотреба. Софтверското решение што ќе биде изготвено, ќе ги препознава личните податоци на граѓаните кои веќе еднаш се внесени, со што ќе се онезможи ист граѓанин да се регистрира два пати. Во пракса, ова значи дека ќе има попишување со помош на веб-апликација и теренско попишување.
Луѓето што се наоѓаат во дијаспората ќе се попишуваат исклучиво по електронски пат, што значи дека нема да се издвојуваат средства за да се испратат попишувачи надвор од земјава.
Случај Груевски
Со 5 гласа за, ниеден против и без воздржани комисијата за мандатно имунитетни прашања изгласа да му предложи на Собранието пратеничкиот мандат на Никола Груевски да му биде одземен. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа ниту „за“ ниту „против“ за предлогот, а не беа ниту воздржани. Предлогот треба да се најде на пленарна седница каде парламентот ќе донесе одлука дали да му биде одземен мандатот на Груевски. За тоа да се случи е потребно двотретинско мнозинство.
„Бомби“
На социјалната мрежа Фејсбук, во последните 12 часа, се појавија нови осум аудио снимки, на профил на Фејсбук именуван како „El Cheka“. Дел од нив се повторуваат, па практично станува збор за шест „бомби“. Бомбите се на албански јазик, освен една која е на македонски јазик и за која објавувачот тврди дека е помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на УБК, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.
Социјална сигурност
Со Законот за социјална сигурност на стари лица којшто е дел социјалната реформа и веќе стапи на сила, социјално ги обезбедуваме лицата над 65 години коишто немаат други извори на егзистенција. Месечниот надоместок за овие лица изнесува околу 6.000 денари, а се очекува правото да го искористат околу 6.000 граѓани и граѓанки. Право на надоместокот за социјална сигурност имаат сите лица коишто се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години, и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.
За домаќинствата каде што и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензиското и инвалидското осигурување.
Меѓународен ден за заштита на правата на детето
По повод 1 Јуни – Меѓународниот ден за заштита на правата на детето, вo сабота ќе се одржи традиционалниот Меѓународен добротворен базар, во организација на „Добредојде“ Macedonia Welcome Center – DMWC и во соработка со 27 амбасади и меѓународни организаци во нашата држава. Базарот ќе се одржи вo сабота во Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје, со почеток во 11 часот.
ЦИВИЛ го помести датумот за доделување награди за граѓанско новинарство
ЦИВИЛ го помести датумот за доделување награди за граѓанско новинарство на 5 јуни (среда), поради згуснување на агендата со активности. Со повеќе детали за активностите и настаните што се предвидуваат идната недела ќе се појават со соопштение во текот на утрешниот ден, јавуваат од ЦИВИЛ.
Б. Јордановска