Судења
„Поради зголемениот интерес на медиумите во врска со предметот познат под името „Империја“, ја информираме јавноста дека Врховниот суд на Република Северна Македонија на 27 март 2019 година, донесе решение по предметот заведен под ВКЖ1.бр.19/2019, со кое ја уважи жалбата на бранителот на обвинетиот С.М., адвокат Љупчо Шврговски од Скопје и решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ.бр.116/19 од 28.02.2019 година го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор и го пушти обвинетиот да се брани од слобода веднаш по приемот на решението“, стои во соопштението на Врховен суд, со што официјално му се укинува домашниот притвор на Сашо Мијалков, но само за случајот „Империја“.
СЈО – реакции
По изјавата на министерката за правда, Рената Дескоска, дека во најскоро време предлозите за СЈО треба да бидат преточени во закон и ставени на седница, како услов за препорака од ЕУ, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се јави со реакција на Фејсбук и истакна дека Собранието работи според Деловник, а не по диктат.
„Собранието на Република Северна Македонија работи согласно Деловникот, а не врз основа на диктат, а уште помалку според одредени индивидуални претензии, па дури тие да се и на еден министер, било кој и да е“, напиша Џафери.
Попис
По информациите што протекоа во јавноста дека со пописот на населението што престојува или живее во странство ќе се манипулира, денеска дилемите ги расчистуваше и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Неговата изјава доаѓа по вчерашната изјава на портпаролот на Владата, Муамед Хоџа, дека нема недоразбирања околу предло-законот меѓу коалиционите партнери, едноставно не дошол на ред на владина седница.
„Во однос на стравувањата дека ќе има било какви злоупотреби во овој дел, нека не се плаши никој. Со оглед на тоа што во овој попис ќе се користи комбиниран метод сè ќе се проверува. Не може да се протне никој. Од друга страна ќе се користат сите правила што ги препишува меѓународната заедница во однос на пописот и во однос на дефинирање на категориите на населението… сите овие стравувања што ги читам неделава по порталите дека ќе се попишуваат луѓе што не постојат, луѓе што починале… сето тоа ќе се проверува. Ние како институција добиваме податоци за секое дете што ќе се роди во странство, меѓутоа, за жал, и за секој што починал“, изјави директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски.
Народен правобранител
Народниот правобранител во пресрет на претседателските избори и предвремените избори за градоначалници на оштините Охрид, Дебар и Ново Село, ги потсети граѓаните, за важноста на избирачкото право и начинот на остварувањето и заштитата на ова право, а воедено упати и апел до институциите и сите други за обврската и одговорноста од создавање на реални услови за овозможување, почитување и остварување на избирачкото право на граѓаните, како и правилата за фер и демократски избори.
„Секој има право да се изјасни за својата опција без притоа да трпи никакви последици. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Никој не смее во нивно име, преку разни форми на притисоци, уцени и закани да одлучува. Граѓаните не смеат да молчат, напротив мора да бидат активни, затоа што со навремено пријавување на неправилности од кој било вид го штитат нивното право, а истовремено придонесуваат за демократичноста на изборниот процес во целина.
ЦИВИЛ активности и соопштенија
Говор на омраза
ЦИВИЛ – Центар за слобода остро ги осудува говорот на омразата од сите политички субјекти и поединци, организирани или неорганизирани групи, како и заканите по животот на премиерот Зоран Заев и другите политички лидери што во своја видео порака ги објави лице што се претставува како лидер на организацијата Христијанско братство, Жарко Гроздановски.
Христијанското братство е една од организациите, блиска до радикалните групации што протестираа против Преспанскиот договор и Законот за јазици, а дел од нив се и членови на партиите од десниот политички блок што ги водеа протестите кои кулминираа со нападот врз Собранието на 27 април 2017 година. Нивни „почесни гости“ на протестите беа Јанко Бачев, Стевче Јакимовски и повеќето други познати и помалку познати радикали. По неколку месечен молк, Христијанско братство се појави преку својот гласноговорник Гроздановски. Наводно, нивното „повлекување“ од јавноста било поради анализирање на „глупостите на политичарите“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ – Центар за слобода, по повод екстремниот говор на омраза кон премиерот Зоран Заев и други лидери на политички партии.
ЦИВИЛ – Центар за слобода вчера одржa панел дискусија на тема говор на омраза „ Со аргументи и вистина против говорот на омраза“. На панелот со свои видувања и искуства се обратија Кристина Озимец, Мерсиха Смаиловиќ и Сефер Тахири.
Озимец: Социјалните мрежи од корисна алатка се претвораат во платформа за линч
Смаиловиќ: Говорот на омраза раѓа насилство од омраза
Тахири: Медиумите се инструмент за ширење на говор на омраза
Д. Т.