На вчерашната панел дискусија „Со аргументи и вистина против говорот на омраза“ која ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, Мерсиха Смаиловиќ зборуваше од позиција на активистка која во јавноста го разоткри говорот на омраза на социјалните мрежи, од вработена припадничка на безбедносните сили во земјата. Говор кој се однесува на неодамнешниот терористички напад во Нов Зеланд, каде животот го загубија 50 муслимански верници за време на петочната молитва.
„Тоа што се случи во Нов Зеланд е злосторство од омраза. Ние мора да сфатиме дека говорот на омраза никогаш не запира само и исклучиво на говор, туку прераснува токму во повисоки форми, како што е злосторството од омраза и екстремизмот. Ние како граѓани сме уморни постојано да ловиме кој како пишува. Ако немаме сериозни законски регулативи и сериозни институции кои решително ќе се борат против ваквите појави, ништо не правиме“, истакна Смаиловиќ.
Таа вели дека досега многупати ги пријавувала овие случаи, како и случаи поврзани со закани кон неа до институциите, но, за жал, досега не е покрената ниту една постапка.
М. Ивановска
Камера: Ариан Мехмети
Монтажа и фотографија: Биљана Јордановска