Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе е годишен настан што се одблежува на 31 март, посветен на прославување на трансродовите луѓе и подигнување на свеста за дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите луѓе ширум светот, како и прославување на нивните придонеси во општеството.
Под мотото „Постоиме!“ денес започнува кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе – во организација на Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија -– ТрансФормА.
Пораката која ја пренесува кампањата е дека трансродовите граѓани се во подеднаков ризик по сопственото здравје како и сите останати. Моменталната состојба потсетува на фактот дека здравјето на секој граѓанин е од примарна важност. Иницијативата ТрансФорма има податоци за случаи во минатото, неповрзани со сегашната ситуација, кога трансродовите лица, поради стигматизација, предрасуди и дискриминација заради својот изглед или своите документи, не добивале здравствени услуги кога им било најпотребно.
„Со оваа кампања, Иницијативата ТрансФорма се залага за достигнување на највисок можен степен на здравје на сите граѓани, и укажува дека здравствената заштита и здравствените права на транс лицата треба да бидат неприкосновено право како и за сите останати граѓани во нашето општество. Но, здравствената заштита за транс лицата останува сеуште огромен предизвик заради несоодветното постапување и непочитување на правата од страна на институциите на системот. Неможноста за промена на личните документи, значи и непристпаност до основни здравствени услуги, но Управата за водење на матичните книги, која е надлежна за промена на ознаката за пол во личните документи сеуште не ја спроведува одлуката на Европскиот суд во Стразбур и покрај многубројните реакции и барања“, се вели во нивното соопштение.
Минатата година во државава беше организиран првиот марш за поголема видливост и заштита на оваа заедница, кој беше организиран од Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА, а оваа година поради вонредната состојба во државава, ќе мора да се одложи.
„Јас сум Х“, „Да се биде транс не е избор! Избор е да се биде трансфобичен“, „Идентитет не е тренд“, „Мојот род – мое право“, „Законот е во конфликт со мене“, беа дел од пораките кои трансродовите лица и поддржувачите ги порачаа на минатогодишниот марш.
Помина една година по позитивната пресуда во случајот „Х против Македонија“ од Стразбург, според која Македонија е обврзана да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите лица брза, брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот, државата сè уште го нема решено овој проблем.
„По овој случај државата треба да седне и во најбрза постапка да почне со подготвување на соодветно законско решение за правно признавање на родот. Во спротивно ситуацијата ќе биде онаква каква што беше и поради која што се доведовме пред Европскиот суд. Ќе има и други случаи кои ќе бидат оставени во таа лимбо ситуација, ќе бидат изложени на арбитрарните одлуки на чиновници, на административци и на управата, за кои постои можност повторно да ги прекршуваат правата и ќе треба да се ставаме во ситуации да ја даваме државата пред Европскиот суд што секако не и оди во полза, особено не на држава која што моментално аспирира да биде членка на ЕУ“, изјави тогаш Славчо Димитров од Коалицијата Маргини.
ЦИВИЛ – Центар за слобода осудува секаков говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата и потсетува дека според член 7 од Универзалната декларација за човекови права сите се еднакви пред законот и имаат право на еднаква заштита.
текст и фотографии: Ангела Петровска