ВЕСТ НА ДЕНОТ: Владата со втор пакет мерки за граѓаните и фирмите за ублажување на последиците од КОВИД-19
Финансиска поддршка за претпријатијата од приватниот сектор за исплата на плати за своите вработени во висина од 14.500 денари за месеците април и мај, кратење на платите за сите избрани и именувани функционери на ниво на минимална плата и формирање на солидарен фонд во кој ќе се донираат средства за справување со кризата со коронавирусот, се дел од вториот пакет мерки што денеска ги презентирање Владата за справување со последиците што ги предизвикува коронавирусот.
Пакетот мерки е донесен на денешната владина седница и за негова реализација според проценките потребни се околу 200 милиони евра.
Мерките не предвидуваат кратење на платите на вработените во јавниот сектор, туку на платите на сите избрани и именувани функционери.
За април и мај ќе биде обезбедена минимална плата и за спорстките работници, самостојните уметници и медиумските работници, а за оние работници кои останале без работа ќе им се исплати 50 проценти од висината на просечната плата.
Дел од пакетот мерки се и субвенционирање на 50 проценти од придонесите, како и бескаматни кредити за компаниите обезбедени преку Развојната банка.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ДЕН 13
Во изминатите 24 часа направени се 392 тестирања, а потврдени 44 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Куманово- 23, Скопје – 11, Тетово – 4, Битола- 3, Струга – 2 и Прилеп – 1. Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Ковид-19 починаа двајца мажи, едниот на возраст од 45 години од Куманово, другиот на возраст од 78 години од Дебар.
*
Според статистиките на МВР, во текот на изминатото деноноќие (вчера и денеска) на територијата на државата на 101 лица им се издадени решенија за изолација, а 40 лица потпишале изјава за самоизолација.
*
Штипското Основно јавно обвинителство денеска побара судот да ја изрече највисоката парична казна за 32 годишен штипјанец, кој не ја почитувал мерката за задолжителна самоизолација. Штипјанецот кој не седел дома сега се соочува со парична казна од 5.000 евра.
*
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамки на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.
*
Министерството за здравство преку соопштение им се заблагодарува на сите кои досега со донаци во парични средства и добра дадоа поддршка во напорите на институциите за справување со состојбата со Ковид-19 во земјата.
*
Во хотелите „Попова Шапка” и „Славија” на Попова Шапка, кои се во сопственост на АД ЕСМ, во државен карантин поради коронавирусот сместени се 154 лица.
*
Двајца кумановци се предложени од Основното јавно обвинителство Куманово за казна од по 1.000 евра за движење низ градот за време на полициски час, со што сториле кривично дело, односно не постапувале според здравствените прописи за време на епидемија.
*
„Меѓуинституционалната соработка вроди со плод. На крај сме со поставувањето на полската болница во близина на Клиниката за инфективни болести. За неполни 7 дена. Град Скопје, Министерство за здравство, Министерство за одбрана, институции со светски стандарди на исполнителност“, објави вечерва на својот ФБ профил градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој изрази благодарност до вработените во овие институции.
*
Сите државни органи и институции се задолжуваат, на единиците на локална самоуправа им се укажува, а на приватниот сектор му се препорачува вработените лица во овие институции и фирми кои на работа одат со придружба – потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, да бидат ослободени од одење на работа и извршување на работни активности, информираат од Министерството за труд и социјална политика, повикувајќи се на заклучок што го донела Владата.
*
Сите граѓани кои ќе останат без работа поради кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот, од државата ќе добиваат надомест во висина од 50 проценти од нивната месечна плата во измината година. Времетраењето на исплатата на надоместокот ќе зависи од должината на работниот стаж на работникот.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Исмет Гури и Ејуп Алими, обвинети во предметот „Титаник 3″, се виновни заради уништување на изборен материјал во локалните избори во општина Чаир, во 2013 година, пресуди денеска судијката Марија Клетничка и ги осуди на по три години и шест месеци затвор.
*
Поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талевски е осуден на осум години затвор за злоупотреба на службената положба во предметот „Транспортер“. Од 20-те обвинети со него, десет се осудени на вкупно 28,9 години казна затвор, а останатите десет пак добија по две години условна казна затвор која ќе се активира доколку некој од нив стори кривично дело во рок од пет години.
*
Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски почна седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
*
Бројот на работници во индустријата во февруари годинава, во однос на февруари лани е намален за 3,2 отсто. Намалување од 3,2 проценти на бројот на работниците е регистрирано и во периодот јануари – февруари годинава, во однос на првите два месеца од минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.
*
Министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше телефонски разговор со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој денеска беше предвидено да го посети Скопје, но посетата беше одложена заради ситуацијата со пандемијата на коронавирусот (КОВИД-19).
*
Одлагање на отплатата на кредитите до шест месеци, односно најдоцна до 30 септември е одлуката на банките членки на Македонската банкарска асоцијација донесена на 26-ти овој месец што ќе ја понудат на граѓаните. Дел од банките, како што наведуваат од МБА, веќе започнаа со објава за промена во условите за плаќање на кредитите што произлезе од околностите настанати од коронавирусот.
*
Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе е годишен настан што се одблежува на 31 март, посветен на прославување на трансродовите луѓе и подигнување на свеста за дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите луѓе ширум светот, како и прославување на нивните придонеси во општеството.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Не знам како е со вас, но јас си мислев дека, под принуда на домашнава изолација, во изминатите две недели и во наредните три-четири, ќе стигнам дома да прочитам работи кои со години, со благо чувство дека одмаздата е најслатка „кога се сервира студена“, ги одлагам, ги редам, ги прередувам и ги евидентирам по разни фајлови и полици, како ланска и прекланска туршија за употреба „кога ќе ѝ дојде време“… Сега е тоа време“, пишува Сашо Орданоски во „Не ќе да е спринт, туку маратон“.
„За кои пари се работи? Тоа се пари на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, истите што ВМРО-ДПМНЕ разбојнички ги трошеше 11 години за да спроведува режим и истите што и сега ги троши, според Законот за финансирање на партиите. Како ги троши е уште една тревожна приказна која ги засегнува македонските национални интереси. Всушност, оваа постапка на политичките мултимилионери (Мицкоски и неговиот одбор јунаци) е уште една илустрација за тоа како ја пропуштаат историјата“, пишува Џабир Дерала во „Како Мицкоски и неговиот одбор јунаци ја пропуштаат историјата?“
Ангела Петровска