ВЕСТ НА ДЕНОТ: Рекордни 120 нови случаи на Ковид-19, двајца починати
Во последните 24 часа се направени 953 тестирања, а регистрирани се 120 нови случаи на КОВИД-19.
– Скопје 67, Куманово 19, Штип 16, Прилеп 4, Тетово 9, Велес 2, Гостивар 1, Неготино 1 и Струмица 1.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 65 годишна пациентка, примена на 28 мај, во ГОБ „8 септември“ почина пациент на возраст од 69 години, хоспитализиран на 1 јуни.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 16 оздравени пациенти.
– Скопје 8, Штип 3, Прилеп 2, Тетово 1, Велес 1 и Битола 1.
Досега во земјата се направени вкупно 33.114 тестирања на КОВИД-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 2 теста се во рамките на скринингот во градинки во Штип, нема позитивен резултат на КОВИД.
Вкупната бројка на КОВИДдијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.611, бројката на оздравени пациенти е 1.621, на починати е 147, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 843.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Жбогар: Политичарите да одлучат за изборите што е можно поскоро
„Не е до нас да ви кажуваме кога ќе се одржат изборите во вашата земја. Одлуката за избори е на вашите политичари и тие треба да ја донесат што е можно поскоро, со цел граѓаните да имаат некоја ориентација за она што ќе следува“, изјави денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар.
ВОНРЕДНИ ВЕСТИ
Целосна забрана за движење на сите граѓани во сите скопски општини, Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, се воведува од вечер од 21:00 часот до понеделник до 05:00 часот наутро, а во сите останати градови во државата, ограничувањето е од 16:00 часот до 5:00 часот наутро.
Земјоделците коишто имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности, без да вадат дозволи за движење.
*
Повардарската епархија, поради затворените гробишта викендов за Задушница, ги повика православните верници во петок и сабота да одат во дворовите на храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.
*
„Прогнозите се дека ќе имаме поинаква, многу подобра слика за состојбата со КОВИД-19 во земјава до крајот на оваа недела, но ова го кажувам повторно со резерва заради тоа што ќе правиме анализи секој ден. Мора да сфатиме дека сите сме одговорни пред ова“, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
*
Прекинат уписот на првачиња во тетовско основно училиште „Истикбал“, откако наставничка резултирала позитивно на тестот за корона вирусот. Иако првично се дознава дека не била во контакт со нејзини колеги, ниту дел од комисијата за упис, сепак 40 наставници од училиштето и директорот потпишале изјава за самоизолација.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска информира дека на двајцата инспектори кои вчера вршеле надзор во угостителскиот објект каде беше затекнат и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не им било дозволено да направат контрола во внатрешноста на објектот.
Тие, како што појасни Пауновски, биле во рутинска контрола, но кога не им бил дозволен влез внатре во објектот, се посомневале по што викнале уште двајца колеги, а подоцна и раководителот на Одделението во Скопје.
*
Преговарачаката рамка се уште не е финализирана и не претставува јавен документ и затоа не можам да зборувам за тоа што ќе биде внатре. Станува збор за истата преговарачка рамка со слична структура како и за другите земји во регионот, со тоа што треба да ја интегрира новата методологија неодамна усвоена од Европскиот совет, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.
*
Германскиот амбасадор при ЕУ утрово повтори дека почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија се меѓу главните приоритети на претстојното германско претседателство, но посочи и дека „некои земји членки“ најавиле дека изборите ќе влијаат врз нивниот став, јави дописничката на МИА од Брисел. Амбасадорот Микаел Клаус утрово ја презентираше програмата на германското претседателство кое започнува на први јули и кое веќе неофицијално се нарекува „Претседателство Корона“, јасна најава дека и во следните шест месеци во ЕУ ќе доминира кризата од КОВИД-19 и нејзините последици.
*
Најголемиот проблем во државата не е непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, туку лажните вести кои доминираат и кои ги надгласаа емпириските факти на институциите, смета вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Како што посочи, токму сега е време Владата радикално и драстично да направи акција против изворите на овие лажни вестии и теории на заговор.
СЛОБОДНА ЗОНА
Џабир Дерала во својата колумна „Каков ментор, таков ученик“ пишува: „Најновиот скандал со Мицкоски (извичникот и „боемот“) зборува за нешто што е, благо речено, спротивно на пристојноста, достоинството и разумноста… Некој што држи до себе, ќе останеше на местото каде што го направил прекршокот, а не неговите тепачи да туркаат инспектори и да му овозможуваат бегство. Некој што е достоинствен, ќе се извинеше пред јавноста. Немаше хистерично и пропагаторски да плука по законите и мерките за заштита на сите луѓе, за да ја избегне одговорноста, правна и морална. Но… Каков ментор, таков ученик…“
*
„Да направам една груба паралела: ако развојот на медицината сè повеќе се занимава со тоа како да не се разболите, за да не мора да се лекувате; за очекување е дека и на верските организации би требало да им е поважно како да ви ја одржуваат вербата, наместо да ве погребуваат. Таа базична општествена дихотомија – медицината повеќе да се грижи за телото, а верата за душата – би требало да подразбере дека, иако и двете „дејности“, на свој начин, се во „бизнисот на лопатата“, неизбежниот мортален исход треба да е опција само откако ќе се исцрпат сите други можности за телесен спас на здравствените и верските „пациенти“. За да има смисла бавењето со состојбата на нивната душа“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Викенд на мртовци, а не е комедија“.
Дехран Муратов