ВЕСТ НА ДЕНОТ: Уставниот суд одлучи да не го враќа Собранието во функција
Судиите на Уставниот суд денеска едногласно одлучија дека не постојат услови за прифаќање на иницијативата на судијата д-р Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.
Не постојат услови за прифаќање на иницијативата на судијата д-р Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), едногласно одлучија судиите на Уставниот суд на денешниот работен состанок по завршувањето на XII седница на Судот.
-Ова е од причина што во случајот станува збор за пресудена работа, што значи дека Судот веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на Собранието во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Притоа, тогаш во расправата беа земени предвид и околностите на кои се укажува со иницијативата, велат од Уставниот суд.
Уставниот суд, на денешната седница, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на првата одлука на претседателот Стево Пендаровски, за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава, која беше донесена на 18 март, а беше во сила до 16 април.
Судиите оценија дека иницијативата е беспредметна затоа што оваа одлука веќе не е во сила.
На 16 април Пендаровски донесе нова одлука за утврдување вонредна состојба во земјава, за која, исто така е покрената иницијатива за оценка на уставноста. Вонредната состојба во земјава, според втората одлука на шефот на државата, треба да трае до 16 мај.
Собранието ќе се свика само во нов состав, по одржување на парламентарни избори.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Оливер Вархеји
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пред самитот на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во интервју за Дојче Веле, во врска со преговорите на Северна Македонија вели дека се работи многу напорно на конкретна преговарачка рамка.
– ЕУ е подготвена. Сите земји членки јасно се обврзаа во март, кога се согласивме да почнеме преговори со двете држави. Многу сум уверен дека тоа сега и ќе го направиме. Мислам дека овие работи се дел од европската преговарачка култура, да има назадување или напредување по ова или она прашање. Но, на крајот е важен резултатот. Ако го погледнете постигнувањата на сегашната Европска комисија, ќе видите дека на дневен ред повторно ја донесовме темата Западен Балкан и проширувањето. Шефовите ќе се занимаваат со тоа дури и среде корона-криза. Мислам дека е тоа многу јасно изјаснување од страна на ЕУ.
БЕЗ ФИЛТЕР: Националните пред партиските интереси
видео колумна: Џабир Дерала
Дополнителното одложување на изборите во надеж дека ќе се добие на време и ќе се добие некој процент повеќе популарност кај гласачите оди на сметка на националните интереси…
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 44 оздравени пациенти. Скопје 5, Куманово 1, Прилеп 9, Велес 12, Битола 2, Кавадарци 1, Крушево 1, Неготино 2.
Во изминатите 24 часа направени се 292 тестирања, а потврдени се 13 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Куманово-1, Прилеп-3, Тетово-3, Велес-5 и Битола-1. Досега во земјата се направени вкупно 17836 тестирања на ковид -19.
Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Прилеп на возраст од 55 години, хоспитализиран на 22 април, кој 13 дена бил приклучен на респираторна машина. Во болницата во Битола почина пациент хоспитализиран на 4 мај како сомнителен на ковид-19, чиј брис постмортем покажал присуство на вирусот.
Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1539, бројката на оздравени пациенти е 1057, на починати е 88, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 394.
*
Во текот на изминатото деноноќие според статистиката на МВР по однос на забраната за движење евидентирано е дека на ниво на целата држава 55 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 42 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки.
Според статистичките податоци за изминатото деноноќие на 159 лица им се издадени решенија за изолација, а 48 лица потпишале изјави за самоизолација.
Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Над 19 илјади компании досега аплицирале за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник преку која се овозможува континуитетот на работните процеси, се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси, при што се создаваат сериозни услови да се сочуваат работните места, соопштија од Владата.
*
Евиденцијата на Агенцијата за вработување покажува дека на крајот на април годинава бројот на невработени лица во земјава изнесува 114.762 што е за 7.030 лица повеќе во однос на крајот на март, а во овој месец, кога почна кризата од коронавирусот бројот на невработени се зголемил за 1.916 лица во однос на претходниот месец. Во периодот, откако почнаа да се применуваат мерки за заштита од ширење на коронавирусот, од 11 март до 30 април, како што наведуваат во соопштение во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по основ на прилив од работен однос, се евидентирани 8.160 невработени лица.
*
Уставниот суд со денешната одлука ја потврди законитоста при носењето на ДУП-от Градска четрвт И 04 – Даре Џамбаз во Општина Центар и донесено е Решение со кое се одредува дека нема да се поведе постапка на Одлуката на Советот на Општина Центар бр.08-2925/6 од 11 јуни 2019 година. Со ова се отфрлува Иницијативата поднесена од ССИ Инвестмент ДООЕЛ Скопје. Постапката која претходеше на донесувањето на оспорената Одлука е спроведена согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
*
На денешната прес конференција министерот за економија, Крешник Бектеши соопшти дека од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво од почетокот на годината беа објавени и реализирани пет јавни повици и тоа:
-Завршен е јавниот повик за субвенции за занаетчии при што оваа година субвенционирани се вкупно 43 занаетчии и вршители на занаетчиска дејност во вкупен износ од 4.47 милиони денари. Минатата недела на 30-ти април заврши јавниот повик за кофинансирање на проекти на занаетчиските комори за развој и промоција на занаетчиството.
Вкупниот буџет е 1.74 милиони денари. Следи евалуација на пристигнатите апликации и потпишување на договори за имплементација на проектите.
*
Во центрите за социјална работа, од моментот на носење на уредбата со која се овозможи брз влез во системот на социјална заштита, од 3-ти април, пристигнати се околу 2.000 нови барања за гарантирана минимална помош кои се решаваат тековно, согласно податоците кои ги добиваме од другите институции како УЈП, МВР и другите, соопшти заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар.
-Им помагаме на ранливите, се грижиме за сите и никој не е заборавен и изоставен, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика донесоа сет мерки за релаксирање на критериумите врз основа на кои може да се користи гарантирана минимална помош и со тоа е олеснет влезот во системот за социјална заштита, изјави Шкријељ.
Со новите мерки, се утврдува материјалната необезбеденост врз основа на приходите на сите членови на домаќинството во последниот месец , наместо во претходните три месеци. Ваквиот начин на утврдување материјална необезбеденост се предвидува да важи во периодот април-декември 2020. Дополнително, се овозможи право на гарантирана минимална помош да може да остварат и оние кои се избришани од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кои работниот однос им престанал спогодбено, по барање или со отказ.
*
Министерот за економија Крешник Бектеши на новинарско прашање за тоа дали платите во државна администрација треба да се скратат исто како во приватниот сектор, тој кажа дека останува на својот став.
-Јас веќе мојот став го кажав. Имавме прилика да ги видиме последните податоци, моментално сме во најповолно сценарио, но да се има во предвид дека креираме и нови мрки и за да ја поттикнеме потрошувачката секако дека ние треба да не направиме такви кратења според мое видување, туку дополнително да даваме средства до граѓаните било да е тоа за приватен или јавен сектор. Неколку пати сме кажале, нема да оставаме ниеден работник што нема да е поддржан и ги повикуваме претпријатијата да даваат плати.
*
Ставот на ДУИ во врска со изборите е дека треба да се исполнат два критериуми за одржување на избори. Односно, изборите би можеле да се одржат било кога, доколку се исполнат два услова – едниот е Комисијата за заразни болести да каже дека таков процес нема да загрози здравје на граѓаните и второ – ОБСЕ/ОДИХР да констатира дека можат да ги следат изборите,изјави денеска на прес-конференција вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
*
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска ќе учествуваат на Самитот на ЕУ и Западен Балкан преку видео конференција, кој оваа година се одржува во организација на Република Хрватска како актуелен претседавач на Европската Унија.
*
Прогласувањето на Шар Планина и Осоговските Планини за заштитени подрачја, не само што ќе ги исполниме националните, стратешките и меѓународни цели за заштита на природата, бенефит ќе има и државата, а особено ќе имаат корист општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локално население. Ова денеска го посочи министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференција во Владата.
*
По повод членството на Република Северна Македонија во НАТО Националната пошта издаде поштенска марка во тираж од 6.000 примероци и номинална вредност од 30 денари. Автор на поштенската марка е Лариса Живковска Донев.