Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби казна затвор од 12 години за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од (УБК).
Мијалков е осуден за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ во времетраење од 5 години, „злоупотреба на службената положба и овластување“ во времетраење од 5 години и „примање награда за противзаконито влијание“ во времетраење од 3 години. Судот изрече единствена казна затвор од 12 години.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на четири години затвор за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба “.
Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Никола Бошковски е осуден за сторен кривично дело , „злоупотреба на службената положба и овластување“ во времетраење од 11 години и „фалсификување на службена исправа“ во времетраење од 5 години. Судот изрече единствена казна затвор од 15 години.
Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски е осуден за сторено кривично дело „злосторничко здружение“ во времетраење од 4 години, „злоупотреба на должност“ во времетраење од 4 години, „злоупотреба на службена положба“ во времетраење од 5 години, „фалсификување на службена исправа“ во времетраење од 1 година и „фалсификување на службена исправа“ во времетраење од 1 година и 6 месеци. Судот изрече единствена казна затвор од 15 години.
Поранешен шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК, Тони Јакимовски е осуден за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ во времетраење од 5 години и „фалсификување на службена исправа“ во времетраење од 2 години. Судот изрече единствена казна затвор од 6 години.
Основниот кривичен суд Скопје во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК денеска изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица и сите обвинети се прогласени за виновни.
Пресудата ја изрече петчлениот судски совет во состав Џенета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор судија и тројца поротници.
И. Крџиќ