Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со силен интензитет да соработува со сите чинители и да создава амбиент за постојано унапредување на демократијата и слободите во нашата земја, соошти владината прес-служба по повод најновиот извештај на Фридом хаус „Држави во транзиција“, во кој се оценува дека Северна Македонија бележи значителен демократски напредок, особено во критериумите – изборен процес и независни медиуми.
„Владата оддава признание на сите граѓани, организации, заедници, медиуми и институции кои со своите демократски капацитети и дејствија го овозможуваат демократскиот напредок на земјата и охрабрува за уште посилен ангажман во иднина“, се вели во соопштението.
Натаму се наведува дека во извештајот земјава е оценета како држава која забележала напредок во оценката за демократија во однос на минатата година, дека се нотира подобрување во изборниот процес поради добро организираните претседателски избори и подобрување во независноста на медиумите како резултат на пообјективното и поверодостојно известување.
„Во извештајот како позитивен пример за решавање на навидум несовладлив проблем е наведено решавањето на спорот помеѓу Грција и Северна Македонија (со медијација предводена од САД), кое на земјата ѝ го овозможи членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ“, стои во соопштението на владината прес-служба.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Дескоска: Стравот од избори ја тера опозицијата да спинува, не се точни тврдењата за Венецијанската комисија
„Интересно е да се гледа како стравот од избори и свесноста за пораз на опозицијата на нив, тера некои луѓе да спинуваат најнеписмено и најнепрофесионално дека Венецијанската комисија препорачала дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори. Тоа едноставно не е точно“, нагласи Дескоскa.
БЕЗ ФИЛТЕР: Спотот на Наќе Чулев е плагијат, но тоа е најмалиот проблем!
Џабир Дерала: Освен што е плагијат на спотот посветен на турската итна медицинска помош, овој спот е гочлив потсетник на едно мрачно време, времето на режимот на Груевски.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Институтот за јавно здравје денеска регистрира 22 оздравени пациенти и тоа во Скопје -2, Куманово-6, Штип-3, Прилеп-7, Тетово-1, Струга-1, Кочани – 2. На пат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациент од Велес на 70-годишна возраст, кој од 4 мај бил хоспитализиран на инфективното одделение во болницата во Велес, а поради влошување на состојбата бил препратен во Скопје, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа, како што се посочува, направени се 332 тестирања, а потврдени се 33 нови случаи со Ковид-19 и тоа во: Скопје-11, Куманово-2, Штип-1, Прилеп-5, Тетово-2, Велес-9, Битола-2, Крива Паланка-1.
*
Министерот за здравство Венко Филипче денеска уште еднаш повтори дека на Комисијата за заразни болести не се разговара за изборите и за изборниот процес.
На новинарско прашање дали се разгледува можноста за избори на кои инсистираат политичките чинители во државата, Филипче посочи дека заклучно со денешниот состанок на Комисијата, не станало збор на оваа тема.
*
Работна група составена од членови на Комисијата за заразни болести и Министерството за труд и социјална политика разгледува неколку опции како ќе се организираат градинките. Она што засега е познато е дека, со скринингот, кој ќе почне следната недела ќе бидат опфатени сите вработени во градинките.
*
Стигнаа 20 монитори, уште дополнителни од нивната вкупна помош 25.000 маски N95, 100.000 хирушки маски, 750.000 пара ракавици, 10.000 заштитни очила, со што вкупната вредност на помошта од ЕУ заедно со респираторите, кои стигнаа или ќе стигнат, достигна 3,2 милиони евра, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека ќе стигнат и 20 респиратори од Норвешка и со нив и 20-те респиратори од ЕУ и 15 ги потврдивме преку УНДП има значајно зголемување на бројот на респираторни машини.
*
Во изминатите 24 часа на ниво на целата држава 40 лица не ја почитувале забраната за движење, при што се приведени 29 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки, соопшти полицијата.
Во истиот период на територијата на Република Северна Македонија на 70 лица им се издадени решенија за изолација, а 25 лица потпишале изјави за самоизолација.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска порача дека избори ќе се организираат час поскоро, доколку состојбата со епидемијата на коронавирусот го дозволува тоа. Министерката за одбрана, која денеска беше во посета на Неготино и направи увид на реконструкцијата на патниот правец Криволак – Пепелиште, истакна дека здравјето е пред се, а се останато е бркање политички интереси.
„Ако тоа ни го даде епидемијата како шанса, час поскоро да организираме избори, одговори Шекеринска, на новинарско прашање околу лидерската средба и датумот за избори. На лидерската средба, нагласи таа, не треба да се лицитира со датуми, туку треба да се носат одлуки коишто ќе бидат во полза на државата и на најголем број на граѓаните“
*
ВМРО-ДПМНЕ во однос на датум за парламентарни избори засега останува на истиот став, и како што велат, за нив најважно е здравјето на граѓаните, но лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека ќе ги почекаат ставовите од лидерската средба во вторник кај претседателот Стево Пендаровски и ќе излезат со свој коментар.
„Да видиме какви ќе бидат проценките на Советот за безбедност, каков ќе биде ставот на претседателот Пендаровски па потоа може да излеземе со коментар на самата лидерска средба која ќе се случи веќе во вторник“, рече Мицкоски.
*
Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари проштална средба со германскиот амбасадор Томас Норберт Герберих на која е реафирмиран ставот дека за земјава од исклучително значење е градењето на пријателски односи со Сојузна Република Германија, преку искрен и доверлив пристап.
*
Со показна вежба на специјалните единици на МВР и едноминутна почит за загинатите припадници, како и доделување плакети за дипломатскиот кор во знак на благодарност за досегашната успешна соработка и континуирана поддршка во справувањето и надминувањето на последиците од коронавирусот КОВИД-19 и на припадниците на Министерството за догогодишна успешна работа, денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ во Скопје беше одбележан 7 Мај, Денот на македонската полиција.
Плакети им беа доделени на Мисијата на ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на Хрватска, НР Кина,САД, Унгарија, Словенија и Чешка, како и на повеќе вработени во МВР.
*
Утре ќе се одржи состанок на штабот во Владата на кој ќе се вклучи и Комисијата за заразни болести. На состонокот треба да се дискутира како ќе се одвива забраната за движење, односно полицискиот час за време на викендот. Состанок ќе има во сабота и тогаш ќе се знае какви ќе бидат мерките за олабавување од понеделник, рече Филипче на денешната прес-конференција.
*
За денеска се закажани две нови изведби од програмата „Култура во време на корона“. Во 19 часот жителите на околните згради во Скопје Север ќе имаат можност да ја проследат театарската претстава „WESTSIDE CONCEPT“, на театарот WESTSIDE. Додека, во 20:30 часот, во паркот во Кисела Вода, концерт ќе одржи АМОН МРА БЕНД.
СЛОБОДНА ЗОНА
Вчерашната вест од Штип звучи како да е дојдена од некое од предградијата на Кабул: запалено е 32-то возило во овој град за неполна година и пол. За да ги ставиме работите во некаков колку-толку споредлив (и, намерно, уште пошокантен) контекст, да потсетиме дека Штип е град со четириесетина илјади жители (заедно со Ново Село!), што би значело дека, да е со големина на Скопје, за изминати 500 дена би имало запалени околу 500 возила! Отрпилика, по едно дневно.
Како е можно ова никого надлежен да не го загрижува?, пишува Сашо Орданоски во колумната „Под чија заштита се палат автомобили во Штип“?
Дехран Муратов