пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Уште на факултет се соочив се феноменот дека некои работи мора да се повторуваат повеќе пати додека бидат консумирани, дигестирани и разбрани.
Некогаш, тоа се случува заради тоа што станува збор за навистина многу сложени нешта и потребно е време за да може да бидат прифатени од поширока група луѓе.
Некогаш се соочуваш со моќна машинерија која знае како да ги извитопери, или да ги направи несварливи и наједноставните сознанија.
Некогаш, едноставно имаш работа со луѓе кои немаат капацитет да разберат за што зборуваш.
Не знам за што станува збор во случајов, па затоа јас сепак ќе си повторувам. Затоа што мислам дека е навистина значајно луѓето да разберат што беше Шарената револуција, која е симболиката на називот и во каква ситуација е возможно да изникне едно вакво движење.
Се почесто слушам дека “Шарените“ биле разочарани, дека “Шарените“ си станале функционери, дека “Шарените“ ги изиграле заложбите на Шарената револуција:
ФОТО: Попарена револуција-активистите на Шарената револуција разочарани од СДСМ и СЈО
Како почна, а каде заврши Шарената револуција?
Дотепувањето на Шарената (г)револуција
ПРОФ. КОТЕСКА ПОДДРЖУВАЧ НА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА: ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е КАТАСТРОФА
Револуцијата секогаш ги јаде своите деца
Од написите се стекнува впечаток дека “Шарените“ беа/се, партија (и тоа строго централистички уредена со јасно раководсрво од типот султан и потчинети), или, некоја хомогена група која споделува заеднички вредности, заедничка програма, единствена идеолошка матрица. И демек, по доаѓањето на власт на СДСМ таа хомогена група се распаднала затоа што некои влегле во власта, други останале надвор од власта, некои се задоволни, други не се задоволни, некои мислат дека треба да се протестира, други не …
Ајде да се потсетиме.
Називот на Шарената револуција и основниот начин на протест – шарањето на државните објекти, беше инспирирано токму од шаренилото и нехомогеноста на групата луѓе која се собра под овој назив. Заедно демонстрираа низ улиците: луѓе кои припаѓаа на различни политички партии и луѓе кои не припаѓаа на ниту една политичка партија, крајно леви и крајно десни, луѓе од различни вери и етницитети, луѓе кои прочитале една книга во животот и луѓе кои прочитале илјадници книги, луѓе кои сакаа да станат власт и луѓе кои сакаа власт која ќе биде во служба на граѓаните, луѓе со нехетеросексуална ориентација и луѓе на кои им се гади од овие првите, луѓе кои сакаат животни и луѓе кои животните ги сакаат најмногу послужени на трпеза, луѓе кои мислат дека треба да се заштити животната средина и луѓе кои мислат дека треба да се градат рудници и каменоломи на секој чекор…
Единствен обединувачки момент на оваа шаренолика маса беше: да се сруши режимот на Груевски.
За едните, тоа значеше доаѓање на власт, за други можност да мрднеме од мртва точка, за трети подобар живот, за четврти влез во ЕУ, за петти социјална промена, за шести …
Важно беше да се сруши режимот кој нѐ зароби и нѐ претвори во аморфна маса која нема шанси да биде различна, затоа што секој на еднаков начин беше затворен во тесниот простор на сепартијското владеење.
Многу нормално е дека во момент кога беше срушен режимот и кога се изгуби единствената обединувачка спона, Шарените да се раздвојат по линијата на своите бои. Едни да гласаат на референдум – други не, едни да влезат во власта, други да бидат разочарани, трети да бараат нови одговори. Четврти да се пасивизираат, петти да бараат контрола, шести…
Не ги јаде револуцијата своите деца, туку едноставно ова беше таков вид на револуција која отвори простор за различноста.
Единствено нешто што може да ја врати Шарената револуција назад е таков систем кој е на различни начини еднакво лош за многу различни луѓе. Шарената револуција не може да ја врати или организира конкретна политичка партија или идеолошка опција. Не некоја опозициона структура, ниту пак интелектуална или лумпен-пролетерска структура. Сигурно не може да ја иницираат остатоците на поранешниот режим и неговите поддржувачи.
Шарената револуција може да се возобнови во екстремни услови какви што имавме за време на владеењето на Груевски. Она страшното во ваквата можност, според мене, е тоа дека втората Шарена револуција нема да ги бои државните институции со боја.
Бојата се потроши.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.