Младински образовен форум денеска ги промовираше клучните наоди од истражувањата: „Студентски стандард во државните студентски домови“ и „Колку и за што троши финансиски средства Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје“ во врска со квалитетот на домувањето и видот на трошоците за кои Државниот студентски дом „Скопје“ одвојува средства.
МОФ истражуваше и какви договори склучува ДСД и кои се трошоците на станарите. ДСД располага со годишен буџет од 3,5 милиони евра во просек за периодот 2014-2018, а тука меѓу другото спаѓаат и трошоците за храна и домување на сите станари.
„Анализата ни покажа дека за храна за станарите се издвојуваат 15 % од вкупниот буџет, 28% за плата на вработените и очигледно е дека ова не е правилна распределба. Па така, за подготовка на оброците на студентите се трошат 61 денар дневно за појадок, ручек и вечера во кои треба да се вклучат и млечни и месни производи, а пресметките ни покажаа дека за станарите во просек се обезбедува 1 банана месечно. Бројката на станари низ годините се намалува и тоа не е само поради масовното заминување на младите од нашата земја, туку и поради лошите услови во домовите“, изјави Петар Барлаковски, програмски асистент во МОФ.
МОФ истражуваше и како студентите ја перцепираат состојбата во која живеат во домовите и кои се нивните перцепции за корупција и учество во носење одлуки во рамки на домовите, па оттаму и потребата за анализа на студентскиот стандард.
„Најчестиот одговор на прашањето зошто се во студентски дом е затоа што е најевтино и станарите не би можеле да си дозволат друго сместување или затоа што немаат друг избор за сместување. Студентски стандард не е само соба во која може да се преспие, туку и простории за учење и простории за спортски и културни активности. 92% од испитаниците никогаш не биле прашани што мислат и не учествувале во носење на одлуки кои ги засегаат во рамки на Студентскиот Дом „Скопје“, велат од МОФ.
Истражувањето покажува дека 40% од испитаниците забележале коруптивни дејства во рамки на Студентскиот дом „Скопје“, а повеќе од 30% имале лично искуство со некое коруптивно дејство. Повеќе од 70% од испитаниците не би учествувале во корупција или би им пречела корупцијата, но од друга страна 89% не знаат каде да ја пријават корупцијата доколку се сретнат со неа.
Проектот „Студентски домови без корупција“ се спроведува од август 2018 до јули 2019 со цел поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.












